Бугарскиот комплекс: ни го крадат минатото!
8 јули 2011Појавата на споменикот на цар Самоил на централниот плоштад во Скопје не беше пропуштен од ниту еден позначаен медиум во Бугарија. Информациите за димензиите, материјалот и авторот на споменикот можеа да се најдат на страниците на весниците, а коментарите за неговото значење се раширија низ етерот преку повеќе медиуми и на интернет-форумите.
Но што е заедничко меѓу двата споменици, оној во Софија и во Скопје? Тоа што и двата дозволуваат различни интерпретации на минатото: она поблиското во случајот со Споменикот на советската армија, и она далечното- во случајот на цар Самоил. Но, и тоа што и во двата, дијалогот во принцип се исклучува.
На рингот на национализмот
Во случајот на првиот споменик, кој беше полеан со боја, нашаран со графити, а советските војници беа „ретуширани“ во модерни стрип херои, дилемите во Бугарија беа дали Споменикот на советската армија, всушност беше осквернавен или разубавен, односно дали станува збор за вандализам или модернизам. Во вториот случај се поставува прашањето дали се работи за крадење на историјата или за провокација. И дали власта на тоа ќе реагира како на македонски обид за присвојување на бугарскиот идентитет.
Во случајот на советскиот споменик, целата дебата беше сведена на етикетирања дали е некој „комунист“ или „антикомунист“, а другите комуницираа само преку „ринг“. Спротивставените страни беа во транс околу темата, а случајот им послужи само за да се нафрлат едни врз други. Споменикот во овој случај беше само платформата, рингот, на кој си ги задаваа ударите.
Симнете се од спомениците!
Уште поапсурдни, меѓудругото и поради историската дистанца од таа епоха, се реакциите во врска со поставувањето на споменикот на цар Самоил во Скопје. Местото, изгледот, начинот на кој е поставен споменикот, се главните поенти во дебатите преку кои „македонистите“ и носталгичните националисти ги мобилизираат поддржувачите да учествуваат во нивните патриотски конфигурации. Внимание: ни го крадат минатото! Внимание: ни ја присвојуваат историјата!
Што е тоа? Балкански синдром? Комплекси? Недостаток на самодоверба? Опасната убавина на минатото е имено токму тоа што ништо не може да биде подарени или украдено. А спомениците се пропагандни знаци на официјалниот јазик, но и естетски симболи на алтернативната иконографија. За да ги разберете правилно треба да се вратите чекор назад. Качени високо на нив, ја губите перспективата.
Автор: Еми Барух/Борис Георгиевски
Редактор: Горан Чутаноски