Bulgarien Geheimdienst
7 април 2011Бугарското министерство за надворешни работи ќе отповика 37 високи дипломати, кои се товарат за соработка со поранешната комунистичка тајна служба, соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи во Софија, Весела Чернева, вчера (06.04). Уште на крајот на минатата година надлежната Комисија за отворање на досиејата ги провери досиејата на 400 високи бугарски дипломати и утврди дека половината соработувале со комунистичката тајна служба. Од нив, 37-мина се активни амбасадори или постојани претставници на Бугарија во странство. Министерството за надворешни работи беше информирано за проверката на досиејата, изјави за Дојче веле Чернева и додаде:
„Бевме изненадени што навистина до 40% од нашите актуелни амбасадори и постојани претставници се луѓе кои биле поврзани со поранешната служба за државна безбедност на комунистичкиот режим.“
И покрај одлуката на парламентот, Прванов не ги повлекуваше дипломатите
Парламентот во Софија уште во јануари 2011 донесе одлука за повлекување од странство на дипломатите со вакво минато. Но, највисоките бугарски дипломати може да ги отповика само претседателот на државата, а тој досега одбиваше да го стори тоа. Претседателот Георги Прванов и самиот е соочен со обвинувања за соработка со комунистичката тајна служба - Комисијата за отворање на досиејата ги потврди обвинувањата во 2007 година.
Сега министерот за надворешни работи се реши назад во Софија да врати дел од дипломатите со помош на итни службени патувања. Првите 13 амбасадори би требало на први мај да тргнат назад за Бугарија од Берлин, Атина, Пекинг, Стокхолм, ОН. Друга група се очекува назад во Бугарија на први јуни. Амбасадорите во Сараево, Берн и во Ватикан ќе бидат пензионирани пред 30 јуни, нагласува портпаролот Чернева и додава дека преземените мерки во никој случај не ги погаѓаат односите со тие земји:
„Овој потег се разбира нема воопшто никаква врска со билатералните односи на Бугарија со овие земји. Тоа е гест што бугарското општество одамна го очекува. Во Бугарија 65% од граѓаните се на мислење дека нашата земја денес не смее веќе да биде претставувана од вакви луѓе.“
Автор: Александар Андреев / Мирјана Дикиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска