Бугарија ја тужи Русија поради нуклеарката „Белене“
7 октомври 2011Бугарското претпријатие бара од руската компанија, која ја гради нуклеарката „Белене“, да исплати 61 милион евра според договорот потпишан на 28 ноември 2007 година. Претходно, „Атомстројекспорт“ поднесе тужба против НЕК за исплаќање отштета во вредност од 58 милиони евра поради доцнење со извршувањето на проектот „Белене“.
НЕК и „Атомстројекспорт“, кој победи на тендерот за изградба на втора бугарска нуклеарка, во изминатиот период потпишаа дури 13 анекси од договорот, а последниот се однесува на одложување на преговорите за реализација на проектот за три месеци, односно до 30 септември оваа година. Кон крајот на минатиот месец двете комапнии потпишаа нов договор за одложување на изградбата на нуклеарката до 31 март 2012 година. Првичната цена за изградба изнесуваше повеќе од 3,9 милијарди евра, но во меѓувреме се зголеми. Се проценува дека цената за изградба ќе изнесува меѓу шест и 11 милијарди евра.
Според планот, атомската централа „Белене“, која ќе има два реактора со јачина од по 1.000 мегавати, ќе биде изградена во истоименото место, во северниот дел на Бугарија, на реката Дунав. Русите понудија реактори од 3+ генерацијата, за кои тврдат дека се најбезбедни на светот. Бугарија, која веќе ја има нуклеарката „Козлодуј“, од безбедносни причини ги затвори првите четири од шест реактори на оваа атомска централа, непосредно пред членството во ЕУ.
Автор: ЕМФ/миа
Редактор: С. Недевски