Бугарија ја изигра довербата на ЕУ
27 ноември 2008Потпретседателката на бугарската влада Мегелена Плугчиева, која е одговорна за парите од ЕУ не беше воодушевена од одлуката на Унијата.
„Длабоко сум разочарана зошто тука не станува збор за емоции туку за факти. Во последниве месеци ние како влада спроведовме многу мерки и направивме огромни структурни и персонални промени“, рече Плугчиева.
Тоа всушност е точно. Само што во претходниот период Бугарија направи огромни пропусти во борбата против корупцијата и целосно ја изигра довербата на Брисел. Кошмарот на владата започна со еден текст во весникот Капитал.
„Се започна во јануари, кога нашиот весник ја објави информацијата, дека Државниот фонд за патишта на тендер им одобрил договори во вредност од 60 милиони евра на приватни фирми во сопственост на братот на шефот на фондот“, се присетува новинарот во неделникот Капитал, Иван Михалчев.
Криминалната мрежа Николов-Стојков
Ова преставуваше еклатантно прекршување на законот за јавни набавки. Неколку месеци подоцна двајца службеници на фондот беа уапсени со 25 илјади евра во нив, кои ги земале како поткуп. Истовремено во Надзорниот одбор на фондот седат тројца министри од владејачката Социјалистичка партија на Бугарија. Од Брисел потоа неофицијално беше порачано: Бугарија ја загуби довербата на ЕУ. Во пролетта годинава беа замрзнати 520 милиони евра-средства од сите три пристапни програми на ЕУ. Во Бугарија во меѓувреме беа објавени уште десетина случаи на корупција, на конфликт на интереси и на погрешни административни одлуки.
Најголемиот случај на измама, кој преставуваше трн во око за ЕУ, останува оној со групацијата околу бизнисмените Марио Николов и Људмул Стојков, која во извештајот на анти-корупциската служба на Унијата (ОЛАФ) беше опишана како “криминална мрежа од преку 50 бугарски, странски и оф-шор фирми“.
Фирмите купувале стари машини за прехранбената индустрија и од фондовите на ЕУ ги наплатувале како нови, со што Унијата претрпела штети од 7 милиони евра. Групацијата Николов-Стојков инаку се наоѓаше на листата на спонзори на повторниот избор на претседателот на државата Георги Прванов (член на Социјалистичката партија на Бугарија), во минатата година.
Загрозено реномето на Бугарија
Претседателот на здружението на работодавачите, Иво Прокопиев смета дека блокирањето на средствата на ЕУ се случува во исклучително непријатен момент за Бугарија, зашто земјата е тешко погодена од финансиската криза. „Не можам да си замислам полош подарок за бугарската економија, но и за буџетот, за потрошувачите и даночните обврзници во Бугарија. Иако одговорноста за грешките ја носат политичарите, за жал граѓаните мораат да ја платат сметката“, истакнува Прокопиев.
И директорот на банката Булбанк, Левон Хампартсумиан смета дека последиците ќе бидат големи. „Материјалниот проблем е помалото зло. Многу полошо оваа вест ќе се одрази врз реномето на Бугарија, како земја која очекува инвестиции“
Имено со приемот во ЕУ, земјата очекува инвестиции во вредност од седум милијарди евра, пред се во земјоделството. Меѓутоа сега и овие средства се неизвесни.