Бугарија тоне во корупција
16 февруари 2009Историјата на Бугарија по уривањето на социјализмот наликува на политички криминален филм. Во годините по пресвртот се организираа криминални структурии, кои што постојат до денес. Голем број извештаи, како на пример на Европската Комисија, сведочат за ова.
Во политичкиот вакуум во годините на транзицијата криминалните групации можеа многу лесно да дејствуваат. На нивниот репертоар како тогаш, така и денес се наоѓаат шверц, кражба, изнудување пари, убиства по нарачка и се разбира корупцијата. Од ова се опфатени речиси сите области од живеењето. Бугарските граѓани секојдневно слушаат за корупција во политиката, јавните установи, судството и стопанството. Европската Комисија за прв пат во нејзината историја, минатата година во јули ги укина средствата за обнова на Бугарија.
Меѓународното приближување e многу важно
Тихомир Беслов многу добро ја познава криминалната сцена во Бугарија. Тој е криминолог во центарот за истражување на демократијата во Софија. Единствената шанса на земјата, според него, е во меѓународното приближување.
„Одлучувачки е тоа што Бугарија се отвори кон меѓународниот пазар. Голем број мултинационални концерни се заинтересирани да инвестираат во бугарскиот пазар. Но, странските фирми ги следат своите интереси и не дозволуваат да бидат инструментализирани од криминални зделки. Без притисокот од надвор нашите институции ќе беа беспомошно изложени на организираниот криминал. Само едно може да се каже: за среќа не зависи се’ од нашите политичари“-објаснува Беслов.
Корупција има во сите општествени слоеви
Голем број политичари капитулираа, вели Беслов и како пример ја наведува Дупница, општина што се наоѓа околу 60 километри југозападно од Софија. Тука владеат Пламен Галев и Ангел Христов, познати уште како „Браќата Галеви“. Како што јавуваат бугарските медиуми, двајцата поранешни полицајци создале богатство за само неколку години. Се претпоставува дека парите доаѓаат од киднапирања, трговија со дрога и изнудување на пари. Кој ќе им се спротистави на браќата мора да стравува за својот живот, вели Беслов. Градоначалникот не може сам да донесува одлуки. Корупцијата во малото место е толку очигледна што во меѓувреме за тоа се интересираат и странски новинари:
„Организираниот криминал добро напредува, и тоа не само во Бугарија. Тој е таинствен и брутален. Тој ги има сите особини за добар медиумски производ. Странските новинари не доаѓаат овде да известуваат за вистината и одредени успеси. Тие однапред знаат што сакаат и тоа го наоѓаат.“
Моќта е во рацете на најупорните
Криминологот Тихомир Беслов предупредува дека темата за корупцијата треба да се обработува суштински и дека медиумите не треба да се задржуваат само на површината. Бидејќи, она што притоа комплетно заостанува е демократијата. Според бугарската статистика, војните меѓу криминалните организации во изминатиов период однесоа 200 жртви меѓу нивните шефови. Оној кој преживеал, денес ја има моќта, вели Беслов. Една од најитните задачи е, ова да се промени. Освен тоа, луѓето во Бугарија мора да ги сопрат нивните корумпирани политичари. Во април минатата година од функцијата се повлече министерот за внатрешни работи Руман Петков. Тој, наводно тајно се сретнувал со браќата Галеви. Меѓутоа, неговата оставка е само мал чекор на долгиот и тежок пат, смета Тихомир Беслов.