Бугарија не смее да се наметнува врз Македонија и Србија
29 април 2010„По ѓаволите со таква држава, ако сум јас вицепремиер во неа!“, рече еднаш еден бугарски политичар кој не остана запаметен по ништо друго. Со слична самоиронија и Македонците често воздивнуваат: „Каква држава сме ние кога Албанија ни е запад!“ Но, на Бугарија, запад и` се Македонија и Србија и тоа е географски факт, кој не треба да служи за ефтини препирки со соседите, туку за сериозен политички напор.
Владата на Бојко Борисов конечно дава сигнали дека се подготвува за еден таков напор. Борисов деновиве беше во Белград, а наесен ќе оди и во Скопје. Шефот на дипломатијата Николај Младенов следната недела ќе патува во македонскиот главен град на разговори околу бугарско-македонскиот билатерален договор и инфраструктурни проекти. Дотука се’ ќе звучеше прекрасно и дури и премногу европски, да не беше вообичаениот предмодерен вресок на тема историја, малцинства и јазик кој веднаш се подигна во бугарската јавност. И да беше бугарската влада малку почувствителна во инаку великодушните понуди за поддршка на двата соседа во ЕУ.
Поддршка без условувања
До пред само 20 години, Бугарите навистина гледаа со почит кон Србија и Македонија како кон „западни земји“. Но, констелациите се сменија, на запад од Бугарија избија некои непотребни војни, а Софија и Букурешт успејаа да го фатат брзиот воз до Брисел. И денес, со за регионот традиционалната политичка кусогледост, Бугарија им предлага покровителско посредување на Македонија и Србија, без да се запраша дали двете земји воопшто и го сакаат. А различните лобисти, пак, со карактеристичното за регионот, долго паметење, и` додаваат на таквата политичка несмасност и барут за дамнешните конфликти и граници, за јазици и малцинства.
Навистина европска ќе биде онаа влада во Софија, која ќе им предложи на партнерите во Скопје и Белград постојани билатерални консултации за сите отворени прашања, без притоа да го условува на било кој начин нивното идно членство во ЕУ. Притоа, нема дилеми дека за малцинствата, за јазикот на омраза, за општите историски настани и нивното денешно интерпретирање, треба да се разговара и да се бара консензус. Но, се` додека европската интеграција на двете соседни земји се користи како кочница во дискусијата за овие деликатни теми, тоа сигурно ќе ги труе односите и во следните децении.
Реалноста е таква. Софија сигурно би можела да им помогне на Белград и Скопје во процесот на приклучувањето, но таа поддршка треба да биде повеќе совет отколку посредување. И второ, таа не треба да се нуди, туку треба да биде побарана. И во никој случај не смее да се вее како некаков победнички бајрак.
Автор: Александар Андреев/Борис Георгиевски
Редактор: Александра Трајковска