Бугарија и Романија ќе почекаат за Шенген
9 јуни 2011Поради блокадата од страна на Берлин и Париз, министрите за внатрешни работи на денешната (09.06.) средба во Луксембург најверојатно нема да донесат одлука за проширување на Шенген просторот. Според дипломатски извори, министрите наводно ќе се договорат, во септември повторно да ја разгледаат темата, меѓутоа отворено е дали тогаш ќе биде донесен позитивен заклучок. „Датумот за пристап стои запишан во ѕвездите“, изјави еден диполмат. Имено, и покрај тоа што на министрите им беше приложен извештај во кој се вели дека Романија и Бугарија ги имаат целосно исполнето формалните критериуми за заштита на границите, Германија и Франција бараат не само исполнување на техничките услови, туку и напредок во борбата против корупцијата. „Германија и Франција едноставно немаат доверба во овие две земји“, вели еден дипломат од Брисел. Оваа позиција ја застапувала и Холандија. Одлуката за проширување на Шенген-зоната, имено, ЕУ мора да ја донесе едногласно.
Европскиот парламент вчера дебатираше за проширувањето на Шенген-зоната. Според пратеничката од редовите на германската СПД, Биргит Зипел, „Бугарија и Романија ги исполнија неопходните услови за прием во Шенгенскиот простор. Оттука не постојат причнини, приемот на двете земји да се одложува.“
Европските министри за внатрешни работи на средбата треба да ја разгледаат темата и за заедничката политика за азил и бегалци. Се очекува да донесат одлука за зајакнување на агенцијата за гранична контрола Фронтекс.
Автор: АТ/ дпа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска