Бугарија и Романија да работат наместо да се жалат
23 септември 2011Весникот „Олденбургише фолксцајтунг“ потсетува на одлуката на европските министри за внатрешни работи да не го одобрат пристапувањето на Романија и Бугарија кон Шенгенската зона и понатаму коментира.
„Поради ветото на Холандија и Финска, сега со одлуката за пристапување на Романија и Бугарија кон Шенген зоната ќе мора да се занимаваат шефовите на држави и влади на самитот закажан за средината на октомври. Холанѓаните и Финците се решија на ваквиот чекор поради основаната загриженост дека во Романија и Бугарија корупцијата и организираниот криминал не само што се распространети, туку дури постојано добиваат нови и нови форми. Покрај тоа овие две земји од поранешниот Источен блок и ден денес се наоѓаат на прединдустриско ниво што се однесува до стопанскиот развој. Со нивниот прием во 2007 година, ЕУ ионака не си направи голема услуга. Но, тоа беше едноставно дел од избрзаната политика на проширување на Унијата во тоа време. Затоа мора да потсетиме дека оној кој формално е примен во ЕУ, не значи дека е автоматски и реално интегриран во неа“, порачува коментаторот на „Олденбургише фолксцајтунг“.
„Зидојче цајтунг“, пак, се обидува да ги најде подлабоките причини за ваквата одлука, кои се поврзани со вкупната ситуација во ЕУ:
„Националистичкиот тренд, кој дозволи на врвните политички позиции во некои членки од ЕУ да седат популисти и евро-скептичари, сега се огледува и во општата европска политика. Категоричното ’не’ на Финска и Холандија за приемот на Бугарија и Романија во Шенген зоната не можат да се објаснат ако се гледаат само фактите. Но, затоа можат одлично да се објаснат кога се набљудуваат политичките причини, имено, политичари како Герт Вилдерс во Холандија или партијата на ’Вистинските Финци’ во Финска вршат политички притисок врз тамошните влади.
Затоа може да се каже дека Романија и Бугарија имаат причина да се жалат. Но, тие сепак не би требало сега да потонат во улогата на жртви на анти-европското расположение во ЕУ, бидејќи тие во голема мера се самите виновни за тоа дека другите членки на Унијата не им веруваат доволно. Извештаите за државната управа и полицијата, кои се подложни на корупција, како и оние за лошото работење на судскиот систем не се десничарска пропаганда. Такви информации стојат и во документите на Европската комисија. Дури и европски влади, кои им се посебно наклонети на Романија и Бугарија, како што е француската, стравуваат дека двете земји би можеле да бидат ’дупка во системот’, низ која во просторот без гранични контроли ќе можат лесно да продираат актерите на меѓународниот криминал.
Ваквите задршки се основани, бидејќи ниту Романија, ниту пак Бугарија не се зафатија сериозно со реформа на правниот и безбедносниот систем во нивните земји во последниве четири години од приемот во ЕУ. Затоа мнозинството членки на Шенген зоната засега се подготвени да им дозволат само делумен пристап во слободната зона. Би било најдобро кога Бугарија и Романија наместо да се жалат би ја прифатиле оваа одлука како последна опомена за да ги доведат нивните земји до нивото што и’ доликува на ЕУ.
Весникот „Франкфуртер алгемајне“ го врти погледот кон позитивните аспекти од болната одлука на министрите за внатрешни работи на ЕУ околу приемот на Романија и Бугарија:
„Не е случајно што Холандија и Финска го изблокираа приемот на Романија и Бугарија. Имено, обете влади за да преживеат мораат да водат сметка за притисокот што доаѓа од десно-популистичките и евроскептичните партии во земјата. Но, проблемот да се сведе само на ваквата внатрешно-политичка констелација е подеднакво погрешно, како и тврдењето на Бугарија и Романија дека ги исполниле критериумите за членство во Шенген зоната затоа што ги завршиле домашните задачи што се однесува до техничката опременост на нивните служби за контрола на границите.
Впрочем, во неодамнешниот извештај на Европската комисија беа набројани слабостите на двете земји и тие опфаќаат системски проблеми во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Дека пограничните контроли не можат многу да сменат на тој план, таквиот аргумент е одржлив од технички аспект. Но, во суштина тоа што Софија и Букурешт ги боли шенгенскиот ’бодликав тел’ е добар стимуланс за продолжување со важните системски реформи. Досегашните искуства покажуваат дека со намалувањето на притисокот од надвор суштински се намалува и мотивираноста на земјите да вложат натамошни напори за спроведување на реформите“, заклучува „Франкфуртер алгемајне“.
Извори: „Олденбургише фолксцајтунг“, „Зидојче цајтунг“, „Франкфуртер алгемајне“
Превод: Горан Чутаноски
Редактор: Борис Георгиевски