Бугарија доби нова влада
27 јули 2009Педесетгодишниот иден бугарски премиер може да се пофали со живописна биографија. Поранешниот пожарникар, телохранител и шеф на полицијата, кому му се припишуваат долгогодишни врски со подземјето, во многу краток период ја оформи неговата десно-центристичка партија и истовремено двапати едно по друго победи на изборите за градоначалник на главниот град Софија.
Влада со само 16 министри
Борисов се профилира како политичар на „редот и законот“, кој неговата популарност вешто ја надградува со проевропски и изјави кои ги фаворизираат конзервативните вредности, без притоа да го загуби неговиот општо обожуван мачо-имиџ. Во новоизбраниот бугарски парламент на неговата партија и` недостасуваат пет места за апсолутно мнозинство, меѓутоа три помали партии му ветија долготрајна поддршка на Борисов. Така, денеска новиот владин кабинет ќе биде избран без проблеми. Тоа е желба и на претседателот на државата Георги Прванов.
„Го прифаќам предлогот за структурата и составот на новата влада. Му предлагам на парламентот да го избере господин Борисов и неговиот кабинет.“
Борисов се реши за помала влада: „ Петнаесет плус еден министер без портфељ. Вицепремиери се Цветан Цветанов и Симеон Ѓанков“
Ефикански професионалци наместо искусни политичари
Токму Ѓанков е скриената ѕвезда во владиниот кабинет. Има 39 години, студирал на Харвард и од 1995 година работи за Светска банка и тоа во последно време на висока позиција. Од него се очекува ефективно и брзо да се справи со кризата, која се појсилно се чувствува во Бугарија. Нова министерка за надворешни работи е досегашната пратеничка во Европскиот парламент, Румиана Шелева, која има докторска титула за социологија од универзитетот во Магдебург. Две именувања предизвикаа контроверзни реакции во Бугарија. Идниот министер за култура, скулпторот Њешди Рашидов, кој доаѓа од турското малцинство, пред некое време учествуваше во тепачка со полицијата, додека за министерот без портфељ, Божидар Димитров, се откри дека соработувал со комунистичката тајна служба.
Просечната старост на членовите на владата е околу 45 години, една четвртина од министрите се жени. Профилот на тимот генерално се оценува како многу професионален. Мнозинството од министрите се експерти со мало политичко искуство, но затоа, пак, со добри стручни познавања. Како на пример идната министерка за образование, Јорданка Фандакова, кој ужива многу добар углед:
„Моја прва задача е, да овозможиме школската година да почне нормално и во мир. Во универзитетското образование и научниот сектор мораме уште оваа година да спроведеме некои неопходни реформи“, порача Фандакова.
Автор: Александар Андреев / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска