Бугарија во ЕУ најверојатно на 1 јануари 2007
6 септември 2006„Бугарија постигна огромен напредок, тоа можеме да го кажеме без сомневање. Но во случај ако ситуацијата не биде сто процентна, во случај ако има уште работа да се направи, постои можност да речеме: - Да, вие можете да станете членка бидејќи тоа е нормално, но во одреден период ќе има придружни, односно заштитни мерки.“, рече Жозе Мануел Баросо по средбата со бугарскиот премиер Сергеј Станишев во Стразбур.
Заштитните мерки можат да бидат воведени за една нова земја членка на ЕУ со што таа би била исклучена од некои програми на ЕУ три години по нејзиниот прием.
Претседателот на Европската комисија изгледа дека ја исклучува можноста за одложување на приемот на Бугарија во ЕУ, но подвлече дека за Бугарија остануваат две најчувствителни прашања: борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Станишев е оптимист и смета дека приемот на Бугарија на 1 јануари 2007 е „реална цел“, што ќе го охрабри процесот на реформи во Бугарија.
На конференцијата за печатот, бугарскиот премиер на прашање на радио Дојче Веле, дали може да се очекува промена во политиката на Бугарија кон соседните земји и посебно кон Македонија, по полемиката предизвикана од неговиот министер за надворешни работи, Станишев одговори:
„Сакам да кажам дека полемиката и разликите во мислењата е нешто демократско, тоа е природно. Бугарија има кохерентна политика кон соседните земји, посебно кон земјите од Западен Балкан. Во последниве 15 години ние го потврдуваме тоа. Ако Бугарија стане членка на ЕУ, ние ќе осигураме важна улога во регионот и нови односи во регионалната соработка. Сакам да ве потсетам дека Бугарија има потпишано протоколи за соработка за евроатлантската интеграција со сите наши балкански соседи. Ние сакаме да го поделиме нашето искуство со овие земји за да им помогнеме да го следат истиот пат кој ниего поминавме понекогаш со грешки и доцнење. Ние сме пријателска земја и сакаме да им помогнеме на нашите соседни пријатели. Очекуваме тие добрососедски односи да бидат видени на ист начин и од нашите соседи.“, заврши бугарскиот премиер.