Бугарија - ветена земја за трговците со бело робје
2 декември 2009Ропство не е првиот збор што ќе ви падне напамет кога шетате по модерните булевари на Софија. Но, Бугарија веќе долго време е „ветена земја“ за трговците со бело робје. Цел се оние најсиромашните, кои со примена на насилство и закани се принудуваат на работа, проституција и криминал во западноевропските земји.
Експертот за трговија со бело робје и организиран криминал Ива Пушкарова вели дека проблемот постоел и многу пред падот на комунизмот, но сега е уште поочигледен:
„Во комунистичка Бугарија беше невозможно јавно да се каже дека постои проблем со трговијата со бело робје или експлоатацијата. Комунистите, сепак, го поддржуваа тоа не само поради сексуалната експлоатација, туку и поради принудната работа.“
Судбината на Росарија ја делат илјадници жени
Кога комунистичката власт беше соборена во 1989 година , организираните криминални групи ја презедоа трговијата на луѓе за принудна работа:
„Овие криминални организации беа создадени од државата за време на комунизмот. А тие го разгранија организираниот криминал во Бугарија по комунизмот.“
Пушкарова работи во невладината организација „Риск монитор“ која се занимава со превенција на организираниот криминал и корупцијата во Бугарија. Таа и нејзините колеги направиле повеќе интервјуа со жените и девојките кои биле жртви на трговијата со луѓе.
Росарија имала 16 години кога принудно ја омажиле, а подоцна нејзиниот маж ја продал на сопственик на ресторан во Италија:
„Ме однесе кај сопственикот на ресторанот. За време на состанокот тој на мојот маж му даде многу пари. Јас не разбрав зошто. Ми беше речено дека ќе живеам и ќе работам во ресторанот. Ме одведоа во соба и полека почнав да сфаќам дека мојот маж ме продал и оти ќе работам како проститутка.“
Таму имало и други девојки од Бугарија, а сопственикот на ресторанот користел закани и насилство да ја принуди Росарија да работи како проститутка:
„Никогаш не бев сама, секогаш ме надгледуваа. Постојано плачев и ги молев другите девојки да ми помогнат.“
Трговијата со луѓе не е приоритет на владата
Росарија успеала да побегне. Што се случува со жртвите на трговија со бело робје кои успеваат да побегнат? Светлин Марков работи за Анимус, група која им помага на жените жртви на трговијата со луѓе. Тој вели дека најголемиот проблем е во тоа што борбата против трговијата со луѓе во Бугарија не е приоритет за владата:
„Во Бугарија постои закон против трговијата со луѓе кој предвидува изградба на засолништа за жртвите, но веќе 6 години не постои засолниште што работи. Ние имаме таканаречена кризна единица. Тоа, меѓутоа, е исклучок.“
Марков, но и Пушкарова сметаат дека клучот за превенција на овој горлив општествен проблем е подобрувањето на социјалната заштита, образованието и собирањето средства за изградба на засолништа за жртвите на трговијата со луѓе.
Пушкарова, сепак, вели дека има мали подобрувања: „Моите истражувања говорат дека обвинителството и полицијата имаат извршено голема работа. Ние сме на почетокот на голем бран на успешни судски процеси. Ние, во моментов, сме среде социјални промени.“
Автор: Сара Коељо / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска