Брисел и Берлин имаат разбирање за протестите против банките
18 октомври 2011Социјалниот самит што се одржува пред секој самит на шефовите на држави и влади на ЕУ вообичаено е многу здодевна манифестација, на која не се случува ништо посебно. На неа учествуваат претставници на европските синдикални организации, на здруженијата на работодавачите, на земјите членки и на Европската комисија.
На вчерашната средба во Брисел, меѓутоа, духовите ги раздвижија светските протести против моќта на банките. На завршната прес-конференција по средбата во Брисел никој од учесниците не ги спомена протестите сам од себе, но затоа на прашања на новинарите се разви интересна размена на мислења, во која некои од учесниците дадоа дури невообичаено јасни изјави. Во секој случај, сите говорници покажаа разбирање за протестот на граѓаните и никој не го критикуваше.
Јасни зборови на претседателот
Претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој, изјави дека мерките за штедење на владите во земјите членки се оправдани само толку, колку што се и социјално праведни. „Загриженоста на младите луѓе е сосема оправдана. Нашата одговорност меѓутоа се состои во тоа да минеме низ овој непопуларен период за да обезбедиме подобра иднина. Сметам дека во меѓувреме е нужна неопходна рамноправна распределба на товарот за да имаме широка општествена основа за ваквата политика.“
Остра критика од синдикатите
За политика на консолидирање на финансиите се заложи и Бернардете Сегол, генерален секретар на европското Здружение на синдикатите, ЕТУЦ. Но, за штедењето да не го задуши стопанскиот развој и вработувањето, тоа треба да води сметка за развојот на подолг рок, а не да реагира само на моменталната ситуација. Таа смета дека случајот на Грција е токму добар пример за тоа како не треба да се води политиката на финансиско консолидирање. Но, најголеми грешки според неа направиле банките: „Проблемот со државните долгови сега повторно се заострува со новата банкарска криза. Банките во изминатите две до три години од претходната банкарска криза остваруваа добивки и наместо нив да ги реинвестираат за подобрување на сопствената позиција, тие ги делеа како дивиденди и бонуси на менаџерите. Таквата практика мора да престане!“
Баросо изненадувачки јасен
Вакви критички забелешки можеби и можат да се очекуваат од претставници на синдикатот, но изненадување е кога така јасно ќе се изрази претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо. „Некои елементи во однесувањето на банките беа апсолутно неодговорни, на моменти дури криминални. Ние не сме против финансискиот сектор, сакаме и понатаму да имаме силен финансиски сектор во Европа. Но, тој сектор исто така мора да разбере дека мора да задржи барем минимум на етички критериуми, што во последно време не беше случај. Финансиската бранша треба да даде праведен прилог за заедничката добробит.“
Европската комисија веќе подолго време се залага за воведување данок на финансиски трансакции, а неделава се очекува да ги поднесе и предлозите за санкции во случај на злоупотреба на финансиските пазари. Комисијата ги смета протестите против банките за сигнал на тревога. А претставниците на ЕУ во секој случај се свесни дека на претстојниот самит во Брисел им должат јасен одговор на кризата не само на светските берзи, туку и на сопствените граѓани кои ги избрале.
Криза на демократскиот систем?
И германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека има полно разбирање за протестите на граѓаните и порача дека политичарите сега мора да покажат дека не реагираат само пасивно на кризата, туку дека се во состојба да ги поставуваат правилата на играта. Доколку тоа не го покажат јасно и гласно, тогаш финансиската криза би можела да прерасне во криза на целиот демократски систем. И владиниот портпарол Штефен Зајберт порача: „Во протестите доаѓа до израз длабока загриженост и оправдано барање за праведност. Уште не ни‘ појде од рака да им поставиме такви правила на меѓународните финансиски пазари, какви што ние овде во Германија ги сметаме за пожелни и какви што делумно веќе и воведовме.“
Реструктуирање на банкарскиот сектор
Разбирање за барањата на демонстрантите покажа и лидерот на опозициската Социјалдемократска партија, Зигмар Габриел: „Кога ќе погледнеме колку малку меѓународната политика направила за регулирање на финансиските пазари од кризата во 2008 наваму, тогаш и ние стануваме гневни!“ Габриел побара реструктуирање на банкарскиот сектор и јасно раздвојување на шпекулативното бакарство од она што работи како сервис на реалното стопанство - онака како што впрочем и беше во Германија до почетокот на 90-тите години. На ваквиот апел му се приклучи и Партијата на Зелените. А Партијата на левицата оцени дека протестите против банките се почеток на ново демократско движење. Лидерот на партијата Клаус Ернст побара редовно да се одржуваат демонстрации, како тие од викендот.
Автор: Кристоф Хаселбах / Горан Чутаноски
Редактор: Борис Георгиевски