Бран напади врз странци во Грција
16 мај 2011Директен повод за последниот бран непријателство кон странците беше убиството на млад семеен татко, кој качувајќи се во својот автомобил да ја однесе сопругата на породување беше убиен, оти сторителите сакале да му ја украдат видеокамерата.
За повеќе стотици националисти за стореното дело се виновни криминалните странци. Тие преземајќи ја правдата во свои раце напаѓаа имигринти, кои немаат никаква поврзаност со убиството и исто така уништија многу продавници на мигранти. Насилниците сакаат да се прикажат како спасувачи во нужда во сиромашните населби на Атина, каде секојдневието се’ повеќе е во знакот на невработеноста и криминалот.
Должничката криза дополнитело ја зголеми тензијата
За адвокатот Костас Пападакис, кој се залага за правата на мигрантите, сторителите се младински банди од десно-радикалната сцена. Тие се регрутирани од сите населби во градот, за проблематичните делови од Атина да бидат етнички чисти. Откако изби должничката криза, ситуацијата се’ повеќе излегува од контрола, појаснува Пападакис, оти кризата предизвика експлозија на сиромаштија, а сиромаштијата, како што е познато, е мајка на сите злосторства.
Освен ова тој гледа големи проблеми и кај грчките сили за безбедност. Преку 80.000 вооружени полицајци, уште денеска би патролирале низ Атина, за на жителите да им пренесат чувство на сигурност, меѓутоа тие честопати се неефикасни и делуваат незаинтересирано, се жали младиот адвокат.
Претседателот на пакистанската заедница во Атина, Јавед Аслам, се сомнева дека десничарските сили се прикривани од страна на полицијата. Тој лично придружувал до полициска станица некои од сограѓаните, нападнати од десните екстремисти, за да им олесни со формалностите. Меѓутоа службениците постојано објаснувале дека воопшто не можат да преземат мерки, се’ додека не постои сомнеж против конкретна личност, се жали Аслам.
Ситуацијата поволна за десничарските популистички партии
Откако Грција стана една од земјите во Шенгенскиот простор најмногу изложени на нелегални доселеници, политиката кон странците стана јаболко на раздорот. Пред се’ деснопопулистичкото „Православно народно движење“ на поранешниот новинар Јоргос Караџаферис сака да собере политички поени од настанатата ситуација.
Државата воопшто не знае, колку илегални доселеници престојуваат во земјата, можеби еден, можеби два милиони, критикува десниот популист Костас Аивалиотис. Освен ова, Грција, на која и се заканува банкрот, неможе повеќе да си ги дозволи 450-те милиони евра годишно за медицинско згрижување на нелегалните доселеници, смета Аивалиотис.
Тонот станува се’ поостар. Поради протест против насилството против странците за наредните денови се планирани штрајкови, најавува претседателот на пакистанската заедница во Атина Јавед Аслам. Притоа им советува на сите да бидат смирени, и по напад предизвикан од непријателството кон странците. Меѓутоа Аслам стравува дека има и такви кои можеби ќе посегнат по насилство за да се одбранат или да го спасат сопствениот живот.
Автор: Јанис Пападимитриу/ Александра Трајковска
Редактор: Жана Ацеска