Беспомошни против ИД
9 септември 2015Прво со експлозив беше разнесен храмот Балшамин, а потоа, како што и се стравуваше, и храмот Бал, најважниот дел на античкиот град Палмира, е претворен во прашина и пепел. Една терористичка милиција, која се нарекува себе си Исламска држава (ИД), така едноставно брише светско културено наследство старо две илјади години. Но, при сета ужаснатост, сега е бесмислено да се прашуваме дали УНЕСКО, со апелот безусловно да се поштеди Палмира како “„лулка на цивилизацијата“, уште и не ја подбуцна омразата на самонаречените божји борци. Конечно, тие ги срамнија со земја и асирските кралски градови Нинива, Хадра и Нимруд во северен Ирак.
Лицемерноста на режимот во Дамаск
И кога сега вчудовидените археолози велат дека е краен момент да се ангажираат се’ едно чии копнени трупи, за да им се стави крај на нечуените постапки на ИД, ни ним не треба да им се префрли за цинизам оти камењата ги сметаат за поважни од луѓето. Истакнувањето на такви барања сега, со оглед на разорувањето на Палмира, е израз на очај и беспомошност.
Крај на граѓанската војна и на секојдневното страдање во Сирија не е на повидок. Досега се убиени околу 250 000 луѓе, речиси единаесет милиони Сиријци се протерани од родниот крај. Веќе побегнаа или токму бегаат 40 проценти од населението. Терористите на ИД, и покрај нападите од воздух од коалицијата предводена од САД, уште успеаја и да ја прошират територијата што ја контролираат. Борбените авиони не се ни обидоа да ја штитат Палмира, очигледно само за да не биде тоа помош и на трупите на претседателот Асад. И, кога владата во Дамаск сега ја обвинува ИД дека го уништува историското наследство на Сирија, тоа е повеќе од лицемерно од еден режим, кој со бомбардирање го срамни со земја упориштето на бунтовниците, градот Алеп, кој исто така спаѓа во светското културно наследство.
Противниците на ИД не можат да се усогласат
Тоа што никој не интервенира сериозно против уништувањето на Палмира ја покажува целата беспомошност на меѓународната заедница. Режимот на Асад, кој долго време ја толерираше ИД, е премногу слаб. Штотуку обелоденетиот нов мировен план ан ОН, кој предвидува преодна влада без Асад, веројатно е веќе осуден на неуспех, откако Русија веднаш ја потврди својата поддршка за сирискиот претседател.
А Арапската лига неодамна повторно го одложи на неодредено време востановувањето на интервентни трупи. Сето тоа им оди на рака на исламистите, кои исто така многу добро знаат дека со уништувањето на античките споменици свртуваат исто толку големо внимание, колку со нивните ужасни видена од егзекуциите.
Така, може да се предвиди дека сега уште повеќе луѓе-страдалници во Сирија ќе побегнат од родниот крај - во насока и кон Европа.