Берлин се’ уште не донел одлука по барањето на Атина
26 април 2010Во германскиот главен град Берлин денеска ќе се расправа за германската помош за високо задолжената Грција. Сојузниот министер за финансии Волфганг Шојбле во таа насока ги покани на заедничка средба шефовите на пратеничките групи на партиите застапени во германскиот парламент- Бундестагот. На средбата треба да бидат создадени предуслови за брзо ослободување на патот за можната германска финансиска помош за Грција. Опозицијата за таа цел бара сопствен германски закон, кој мора да биде усвоен од Бундестагот, но и од советот на покраините - Бундесратот. Пакетот на ЕУ предвидува снабдување на Грција со заеми со поволни каматни стапки во вредност од 30 милијарди евра. Една четвртина од овие сретства треба да дојде од Германија.
Вестервеле против бланко чек за Грција
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле инаку порача дека одлуката на Германија би можела да оди во двата можни правци. И Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле додаде дека помошта ќе биде одобрена само ако не постои друг начин за стабилизирање на заедничката европска валута. На Конгресот на неговата Либерална партија, Вестервеле се спротистави на давање на како што рече бланко чек на Грција: „Грција најнапред мора да ги изврши своите домашни задачи. Помошта може да биде дадена само како ултима рацио, како крајно средство за да се заштити нашата валута“ , рече Вестервеле.
Во меѓувреме Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека се забрзуваат разговорите околу обезбедувањето на неопходната финансиска помош за Грција за санирање на нејзиниот државен долг. Шефот на ММФ Доминик Штрос Кан истакна оти е уверен во решителноста на Грција да ја врати својата економија на здрави нозе.
Грција навреме ја очекува помошта
Грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину пак изрази увереност дека помошта ќе пристигне навреме за да се избегне прв банкрот на една земја членка на Еврозоната. Папаконстантину кој учествуваше и ги оцени како добри разговорите со ММФ и европските партнери самоуверено порача: „Ние не очекуваме некој да ја заврши работата за нас. Ние ќе ги направиме тешките работи. Ние ќе бидеме тие кои ќе ги ограничат трошоците, кои ќе најдат начини за зголемување на приходите, кои ќе ја вратат економијата на одржлив пат, кои ќе спроведат тешки реформи во даночната и пензиската политика, јавната администрација и пазарот на труд“, изјави Папаконстантину.
Автор: СН/ЖА/дв/дпа/ртр
Редактор: Александра Трајковска