Берлин будно ги следи конфликтите
2 јануари 2009Огнениот премин во новата година на Блискиот Исток и повторното замрзнување на односите меѓу Русија и Украина, кога е во прашање дистрибуцијата на гасот, се темите со кои на почетокот од годинава се занимава германската влада. На првата владина прес-конференција во Берлин беше нагласено дека владата, канцеларката и министерот за надворешни работи и во празничните денови се ангажирале за изнаоѓање излез од кризната ситуација на Блискиот Исток.
„Министерот Штајнмајер утринава (2.1.2009) разговараше со принцот на Саудиска Арабија, Ал Фазал, за активностите пред претстојните разговори на делегацијата на Арапската лига во Советот за безбедност, како и за чекорите што водат кон воспоставување на привремен мир и за доставувањето на хуманитарна помош до населението”, пренесе портпаролот на МНР, Андреас Пешке.
Прекинот на гасот - билатерален спор
Владиниот вицепортпарол Томас Штег истакна дека прекинот на дистрибуцијата на гас од Русија во Украина е билатерална работа.
„Во секој случај, спорот не го доведува во опасност снабдувањето со гас на Германија. Владата апелира до двете земји проблемот да се надмине конструктивно и што е можно побрзо, зашто и Германија и Европската унија очекуваат двете страни да си ги исполнат преземените обврски”.
Подобрување на економскиот амбиент
Дополнителните барања до владата што пристигнаа од германското стопанство, пред понеделничката дискусија на големата коалиција за вториот владин конјунктурен пакет, според Штег, се задоцнети. „Требаше да пристигнат уште пред Божик, кога за оваа тема се дебатираше и се одмеруваа позитивните и негативните страни на многуте предлози“, нагласи Штег. Тој додаде дека сепак сите опции ќе се најдат на маса и потоа ќе се вреднуваат.
Инаку, четири сојузни здруженија на германското стопанство, пред новата рунда дискусии посветени на мерките за подобрување на економскиот амбиент, од владата побараа намалување на социјалните давачки, како што е пензиското осигурување и олеснувањата на процедурата за скратена работа.