Барозо: со изградбата на Јужен тек, Бугарија ги крши правилата на ЕУ
28 мај 2014Бугарија со изградба на дел од гасоводот Јужен тек ги крши правилата на ЕУ и Европската комисија ќе преземе мерки тоа да не го дозволи, соопшти синоќа околу полноќ, претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, велејќи дека за тоа ги известил и лидерите на земјите на ЕУ кои заседаваа во Брисел.
Барозо ова го изјави на конференцијата за печат и додаде дека тоа му го ставил до знаење и на бугарскиот премиер Пламен Орешарски (насловна фотографија) со кого разговарал во Брисел. Тој одговари на прашањето на новинари како гледа на фактот дека Бугарија ќе започне со изградба на Јужен тек на своја територија со соработка на претставникот на руската компанија кој е на листата личности на кои им забрането да патуваат во ЕУ.
Европската комисија ќе дејствува
Барозо подвлече дека на лидерите на ЕУ им ја пренел потребата сите членки на Унијата да бидат единствени околу енергетската безбедност и, оти „никој на самитот не го оспорил тоа“. Додаде дека на лидерите на Унијата им посочил оти некои договори кои се склучени или за кои се преговара се спротивни со законите на ЕУ, истакнувајќи дека Европската комисија „во врска со тоа ќе дејствува“. Барозо рече дека на бугарскиот премиер Орешарски му ставил до знаење оти правилата на внатрешниот пазар во ЕУ мораат да бидат почитувани, „не само затоа што Европската комисија е чувар на одредбите на Договорот на ЕУ, туку поради тоа што се доведува во опасност енергетската безбедност на Бугарија и на ЕУ, ако не се почитуваат овие прописи.“
„Ние сме во потполност запознаени со ситуацијата, тоа го следиме со месеци и европскиот комесар за енергија Гинтер Етингер е во контакт со бугарскиот министер за енергетика, а јас и на самитот на шефовите на држави или на влади на ЕУ не оставив сомнеж дека Европската комисија ќе дејствува секогаш кога сме убедени дека правилата за внатерешен пазар, а конкретно правилата за енергија, не се почитуваат“, рече Барозо. „А тоа важи за договорот на Бугарија за изградба на гасоводот Јужен тек“, заклучи тој.