Атина не го менува ставот по пресудата во Хаг
6 декември 2011По првичната реакција на грчкото министерство за надворешни работи која беше прилично умерена и новиот премиер на Грција, Лукас Пападимос, кој предводи преодна влада од три партии, во неутрален тон ја коментираше состојбата. Грција веќе повеќепати и‘ даде поддршка на европската перспектива на Скопје, но решение за спорот за името прифатливо за двете страни е предуслов за целосно нормализирање на билатералните односи, изјави Пападимос.
Бакојани: Самарас е трагична фигура
Поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани, која во април 2008 година беше на самитот на НАТО во Букурешт и денес предводи мала економско-либерална партија, отцепена од конзервативаната „Нова Демократија“, демантира дека за време на самитот на Алијансата имало грчко вето, меѓутоа признава дека Грција се заканувала со вето во пресрет на средбата во Букурешт.
Инаку, Бакојани застапува поумерен став во однос на прашањето за името. Додека порано во Атина воопшто не сакаше да се прифати зборот „Македонија“ во државното име на соседната земја, Бакојани, како министерка за надворешни работи, првпат се заложи за тоа на ова име да му се додаде географска одредница и преку тоа да се стигне до компромисно решение. Во интервју за атинската телевизија „Скај“ по пресудата на Меѓународниот суд на правдата, Бакојани пледираше за тоа Грција и натаму да остане на оваа позиција и притоа направи биланс:
„По парламентарните избори во 2007 ние се одлучивме за ваквата политика. Со тогашниот премиер Костас Караманлис бевме согласни дека ова прашање не смее да стане предизборна тема. Нам не ни‘ беше до тоа да добиеме гласови, туку да изнајдеме решение преку преговори и тоа беше одговорен став. Што се однесува до господинот Самарас, тој уште еднаш е трагична фигура. До ден-денес тој останува на своите позиции од тогаш. Но, дури и ако тој не би го правел тоа сметам дека повеќе ништо не би се променило во одлуката на Меѓународниот суд на правдата.“
Кога вели „тогаш“ Бакојани мисли на 1992 година, кога Антонис Самарас како шеф на грчката дипломатија се залагаше за непомирлив став во прашањето за името. Тогашниот премиер Константин Мицотакис, татко на Дора Бакојани, застапуваше поумерен курс и во еден момент се сметаше за принуден да го разреши Самарас од функцијата. Самарас денес е претседател на „Нова Демократија“ и практикува воздржаност во спорот за името, исто како и социјалистичката партија ПАСОК, која по најновата владина криза во Грција е повеќе зафатена со самата себеси.
ЛАОС се заканува со излегување од влада ако се најде компромисно решение за името
Јасна позиција пак, зазема деснопопулистичката партија „Православно народно движење“, накусо ЛАОС, која за првпат под Лукас Пападимос е дел од една грчка влада. Уште пред пресудата од Хаг, лидерот на партијата Јоргос Караџаферис се закани дека неговите министри би ја напуштиле владата доколку во спорот за името се најде компромисно решение.
По пресудата на Меѓународниот суд на правдата многумина политички коментатори во Атина бараат Грција едноставно да истапи од Привремената спогодба од 1995 година. Реномираниот новинар и публицист Ставрос Лигерос, покрај тоа, се надева на интервенција на САД или на партнерите во ЕУ.
„Сериозни преговори околу прашањето за името можевме да очекуваме само ако Груевски загубеше пред Меѓународниот суд на правдата. Сега, меѓутоа, спорот за името и натаму ќе не‘ следи. Спас за Атина е само тоа што како Европа, така и САД, имаат страв од социјална експлозија со оглед на актуелната криза. И ако кон економската криза се придодаде и национално понижување, тогаш навистина би можело да дојде до социјална експлозија. Значи, јас сметам дека како Европејците, така и Американците, ќе интервенираат во тоа и ќе го потсопрат Груевски.“
Автор: Јанис Пападимитриу / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска