Ариведерчи Италија
25 јуни 2010Продолжија изненадувањата на мундијалот во Јужноафриканската република. Актуелниот светски првак Италија, по поразот од 3:2 против Словачка, испадна уште по првата рунда натпревари. На Италијанците им одеше навистина тешко против Словаците кои го контролираа резултатот. Светските шампиони во последните минути од натпреварот се обидоа да направат пресврт, но нивните напори дојдоа предоцна.
Липи: Преземам целосна одговорност
Селекторот Марчело Липи кој по последен пат ја предводеше селекцијата, крајот го дочека разочаран и потиштен:
„Преземам целосна одговорност. Без исклучоци, бидејќи ако екипата во еден толку важен момент, како овој вечерва, се презентира на ваков начин, тогаш тоа значи дека тренерот не ја подготвил добро“ , изјави Липи по мечот, и како и повеќето фудбалери во репрезентацијата им се извини на италијанските навивачи за слабиот настап на првенството.
Во групата Ф за малку изостана уште едно изненадување, но нов Зеланд не успеа да постигне повеќе од 0:0 против Парагвај и без пораз го напушта шампионатот. Овој поен му беше доволен на Парагвај да го освои првото место во групата, додека Словаците минуваат натаму како второпласирани.
Успешен камбек на Робен
Во групата Е, пак, уште пред вчерашните последни натпревари, Холандија со двете победи имаше обезбедено пласман во нокаут- рундата, а Камерун со двата порази испадна од игра за осминафиналето. Меѓусебниот дуел на овие две репрезентации, синоќа заврши со победа за Холанѓаните од 2:1 и беше одбележан од успешното враќање на теренот по повредата на ѕвездата на „портокаловите“ Арјен Робен. Тој за помалку од 20 минути покажа што може да ги очекува идните противници на Холандија. По неговиот извонреден шут, по кој топката ја погоди стативата, Хунтелар го постигна победничкиот гол за Холанѓаните.
Во вториот, далеку повозбудлив, меч од оваа група, Јапонија убедливо ја совлада Данска со 3:1 и како второпласирана си обезбеди пласман во осминафиналето каде што противник ќе и‘ биде Парагвај. Холандија пак ќе игра против Словачка.
Денеска се играат последните натпревари од групната фаза на СП во фудбал. Во терминот во 16 часот се играат мечевите од групата Г: Бразил - Португалија и Северна Кореја - Брег на слоновата коска, а во 20:30 часот, во групата Х, играат Чиле - Шпанија и Швајцарија - Хондурас.
Автор: Тобијас Елмајер / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска