Алави во Берлин, полицијата на нозе
3 декември 2004Германија ќе продолжи да му помага на Ирак во воената област со обука во Обединетите Арапски Емирати - а ако треба и во Германија, на ирачки полицајци, цивилни помошници и специјалисти за отстранување на борбени средства. Канцеларот најави и востановување германско-ирачка трговска комора на почетокот на наредната година. Таа треба да биде камен-темелник за договорената блиска економска соработка. “Заедничко е уверувањето дека нема никаква смисла да се дискутира за минатото...туку дека ние треба силите да ги вложиме за да се погрижиме за демократски и стабилен Ирак, независно од позицијата спрема војната во таа земја. Тоа не е само задача на самите Ирачани, туку и на меѓународната заедница” – рече Шредер по средбата. Алави се заблагодари за конструктивната атмосфера за време на разговорите во Берлин.
Првата официјална посета на гостинот од Ирак се одржува под невообичаено остри мерки за безбедност. Во последен момент беа откажани и воените почести при неговиот пречек пред кабинетот на канцеларот, а поширокото подрачје беше блокирано од страна на полицијата. Променета е и програмата на посетата – откажана беше предвидената средба со претставници на германското стопанство, а останува уште разговор со германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер.
Причина за таквите мерки се сомневањата за планиран терористички напад врз Алави. Специјални единици на полицијата претпладнето извршија претрес во девет објекти во Берлин, Штутгарт и Аугзбург, при што биле уапсени три лица, како што соопшти сојузниот јавен обвинител Кај Нем. Рацијата била во врска со истрагата против Ирачани во Германија, осомничени за членство во исламистичката група Ансар ал ислам. Според весникот “Тагсешпигел”, на таа група и‘ се префрлува одговорноста за многубројни напади во Ирак, а се доведува во врска и со терористичката мрежа Ал Каеда. Еден од водачите на групата, формирана во декември 2001-ва година, наводно е Мусаб ел Саркави, во моментов едно од најбараните лица во светот осомничени за тероризам. Според сознанијата на баварската покраинска Служба за заштита на уставот, во Германија живеат стотици приврзеници на разни групи од Ансар.