Kритики за исфрлањето хуманитарна помош од воздух над Газа
31 јули 2025Гладот кој владее во Газа не може да се спореди со ништо што досега се случило во овој век, предупреди Рос Смит, директор за итна помош на Светската програма за храна на ОН. „Ова потсетува на претходните катастрофи во Етиопија или Бијафра во минатиот век“, рече Смит во Женева. „Ова не е предупредување, туку повик за акција“.
Во Појасот Газа се развива „најлошото сценарио за глад, гласи насловот на најновиот Монитор за глад на иницијативата ИПЦ. Иницијативата, во соработка со организациите на ОН, ја следи состојбата со храна во Газа. Во извештајот се наведува дека прагот за акутна неухранетост е надминат во градот Газа, а дека во сите други области на крајбрежниот појас е надминат дури и прагот за глад. Голем дел од повеќе од два милиони жители на Појасот Газа сега живеат на тесен простор во бегалски кампови бидејќи израелската армија прогласи големи делови од територијата од 365 квадратни километри за воена забранета зона.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху неодамна изјави дека „нема глад во Појасот Газа“. Израел речиси целосно им го одбива пристапот на новинарите до областа уште од почетокот на војната, што оневозможува независна проценка на ситуацијата.
„Цинизам“, „симболична политика“ и „трошење пари“
Од викендот, на повидок е начин за меѓународните актери да ја ублажат акутната состојба: Во неделата (27.07), воени авиони од Јордан и Обединетите Арапски Емирати испуштија 25 тони хуманитарна помош над крајбрежниот појас. Германија и Франција, исто така, најавија свои мисии за исфрлање храна од воздух. „Оваа работа можеби дава само мал хуманитарен придонес, но испраќа важна порака: Ние сме тука, ние сме во регионот, ние помагаме“, рече канцеларот Фридрих Мерц.
Хуманитарните организации се запрепастени. „Исфрлањето хуманитарна помош од воздух е бесмислена иницијатива што мириса на цинизам“, рече Жан Ги Вато, координатор за итни случаи на организацијата Лекари без граници за регионот. Тинк-тенкот Центар за хуманитарна акција (ЦХА) со седиште во Берлин тоа го нарече „најбесмислениот воздушен мост што некогаш постоел“ и „симболична политика и трошење пари“. Според шефот на ЦХА, Ралф Зидхоф, снабдувањето по воздушен пат е до 35 пати поскапо од конвоите по копно.
Помошта од воздух не стигнува до оние на кои им е најпотребна
Марвин Фирдерер, експерт за итна помош во организацијата Велтхунгерхилфе, исто така зборува за „симболична, неефикасна помош од воздух“. Во интервју за ДВ, тој опишува еден фундаментален проблем: „Товарот се фрла во средина со висок ризик без координација, без одредена зона за фрлање и без безбедносни структури“. Помошта честопати не стигнува до оние на кои им е најпотребна, „туку до оние кои сѐ уште се доволно мобилни за да се пробијат низ урнатините и преполните улици до такво место за фрлање и да се борат за неа на лице место“, вели Фирдерер.
Речиси секој ден се пријавуваат смртни случаи околу неколкуте дистрибутивни центри на контроверзната „Хуманитарна фондација Газа“ (ГХФ). Фондацијата со седиште во САД, со одобрение на претседателот Доналд Трамп од мај е задолжена за дистрибуција на помош во Појасот Газа, откако Израел ја забрани работата на УНРВА, програма на ОН за помош на Палестинците. Сепак, ГХФ не успеа да осигура безбедност во дистрибутивните центри. Покрај тоа, според ОН, израелската војска постојано пука врз оние што чекаат. Според Високиот комесаријат на ОН за човекови права, помеѓу 27 мај и 21 јули, повеќе од 1.000 Палестинци биле убиени од израелски војници додека се обидувале да добијат помош.
Снабдувањето на луѓето е можно само по копно
Организациите за помош бараат непречен премин на хуманитарните залихи во Појасот Газа и враќање на стариот систем: Наместо на неколку жаришта, храната до пролетта се дистрибуираше децентрализирано на околу 600 дистрибутивни места.
Ријад Отман, експерт за Блискиот Исток во организацијата Медико Интернешнал, на прес-конференција во Берлин изјави: „Пред 7 октомври 2023 година, 500 до 600 камиони дневно го снабдуваа населението и економијата на Газа. Денес, 600 камиони дневно не би биле доволни за да се задоволи побарувачката бидејќи се систематски уништени не само основната инфраструктура и здравствениот систем во Газа, туку и земјоделството.“ Еден камион обично носи околу 20 тони хуманитарна помош, а покрај храната, честопати вклучува и стандардни медицински производи и вода за пиење.
На 7 октомври, терористичката организација Хамас уби повеќе од 1.200 луѓе во Израел во координиран напад и зеде уште 250 како заложници во Појасот Газа. Израел потоа за воена цел го прогласи уништувањето на Хамас, но исто така прифати притоа десетици илјади цивилни жртви и големо уништување на Појасот Газа. Здравствените власти во Газа, кои се контролирани од Хамас, велат дека досега животот го загубиле над 60.000 луѓе, од кои најмалку 147 починале од глад.
По истекот на прекинот на огнот пролетта, Израел ги прекина сите испораки повеќе од 80 дена. Веќе неколку дена, армијата одредува дневни примирја во Појасот Газа, а дозволи и повеќе испораки на помош по копнен пат. Министерот за безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, тоа го критикуваше како „одржување на непријателот во живот“.
Јулија Духров, генерален секретар на Амнести Интернешнал во Германија, изјави: „Постојат многу докази дека Израел го користи гладувањето како воено оружје“. Таа ја повика германската влада да престане да го снабдува Израел со оружје и да го зголеми дипломатскиот притисок врз владата на Нетанјаху.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик