Зошто Русија се двоуми да му помогне на Иран
19 јуни 2025Откако Израел ги започна своите напади врз нуклеарната инфраструктура на Иран, рускиот претседател Владимир Путин е во контакт со светските лидери во врска со конфликтот.
Веднаш по почетокот на нападите на Израел минатиот петок (13.06), Путин разговараше и со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, соопшти Кремљ.
Во соопштение на веб-страницата на Кремљ се вели дека рускиот лидер „изрази сочувство до раководството и народот на Иран поради големиот број човечки жртви“ и „нагласи дека Русија ги осудува дејствијата на Израел, кои беа спроведени со кршење на Повелбата на ОН и меѓународното право“.
Следниот ден, Путин уште еднаш ја осуди операцијата на Израел за време на телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, кој е цврст поддржувач на Нетанјаху.
Сепак, и покрај продлабочениот сојуз на Русија со Иран, Кремљ веројатно нема да му обезбеди воена помош на својот стратешки партнер.
Златниот договор на Москва со Техеран
Со оглед на економските врски меѓу Русија и Иран, прекорот на Путин кон Израел за нападот врз Исламската Република не е изненадување.
Иран долго време е близок партнер на Русија, не само затоа што западните демократии строго ги санкционираат обете земји. Иран неодамна се приклучи и на БРИКС, група незападни земји со економии во развој, чие основање го помогна Русија.
Нивниот однос стана уште поблизок откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година. Западните сојузници го обвинија Иран дека ја снабдува Русија со воени дронови, кои на крајот беа искористени и за напад на цивилната инфраструктура на Украина. Според медиумски извештаи, Москва за дроновите можеби платила со најмалку 1,8 тони златни прачки, во вредност од околу 104 милиони долари, префрлени на иранската компанија Сахара Тандер. Иран, исто така, можеби побарал од Русија да му помогне да ја реализира својата нуклеарна програма.
Аналитичарите веруваат дека Москва не би сакала да изгуби толку сигурен партнер.
„Кремљ дејствува според стар курански принцип: 'Бори се и води војна, но не пречекорувај граници'“, вели за ДВ Руслан Сулејманов, аналитичар за Блискиот Исток со седиште во Каиро, Египет. „Со други зборови, Москва, која има свои интереси и присуство на Блискиот Исток, би сакала да избегне каков било вид неконтролиран хаос во регионот.“
Зошто руска воена помош за Иран е малку веројатна?
По почетокот на нападите на Израел врз Иран, иранскиот парламент го ратификуваше Договорот за сеопфатно стратешко партнерство со Русија. Договорот првично беше потпишан од претседателите на двете земји во јануари и одобрен од рускиот парламент пред два месеца.
И покрај амбициозното име, договорот не е договор за меѓусебна одбрана. Тој не обврзува ниту една страна да обезбеди воена помош во случај на напад. Наместо тоа, едноставно ги обврзува двете страни да се воздржат од помагање на своите противници.
Аналитичарката за Блискиот Исток, Маријана Беленкаја, која ја напушти Русија по избувнувањето на војната во Украина и сега живее во Израел, смета дека е многу малку веројатно Москва да му понуди на Иран каква било директна воена поддршка, барем не во официјална или јавна функција.
„Нема потреба, особено затоа што се обидува да ги обнови или подобри односите со Вашингтон, иако не може целосно да се исклучи некаква вмешаност зад сцената“, смета Беленкаја.
Русија како посредник за Иран
Беленкаја вели дека Путин е искрен во своите неодамнешни јавни понуди да дејствува како посредник меѓу Иран и неговите противници. Според неа, Путин минатата година наводно го советувал врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, да се врати на преговарачката маса.
Трамп во неодамнешно интервју за американската новинска мрежа Еј-Би-Си Њус рече дека е отворен за можноста Русија да посредува во израелско-иранскиот конфликт.
Беленкаја смета дека Русија „веројатно не може да изврши притисок врз Иран на начинот на кој тоа го сторија САД“, како посредник, „но може да послужи како канал за комуникација“.
За време на индиректните разговори меѓу САД и Иран во април, се очекуваше Русија да игра значајна улога во случај на нуклеарен договор со Иран. Весникот „Гардијан“ објави дека Москва се смета за потенцијална дестинација за иранските залихи на високо облагороден ураниум и дека може да послужи и како непристрасен арбитер во случај на какви било прекршувања на договорот. Овој договор сугерираше дека Русија ќе го врати високо облагородениот ураниум на Иран во земјата доколку САД го прекршат договорот.
Доколку се постигне таков договор, Германија, Франција и Велика Британија ќе ги изгубат своите улоги на гаранти според нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, од кој Трамп ги повлече САД во 2018 година.
Шансата на Кремљ да напредува во Украина
Во исто време, експертите веруваат дека Кремљ сигурно ужива во одвлекувањето на вниманието на Западот од неговата тековна војна против Украина. Во вторникот (17.06), Русија започна еден од своите најсмртоносни напади врз Киев во последните месеци, при што загинаа дваесетина лица, а десетици беа повредени.
Сулејманов, аналитичар за Блискиот Исток со седиште во Каиро, нагласува дека во најдобар интерес на Кремљ е американските и европските лидери да бидат одвлечени од она што се случува во Украина.
„Во овие услови, Путин може да ја искористи можноста да започне офанзива или да предизвика некаков друг вид проблеми“, оценува Сулејманов.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик