Зошто Русија ги засилува нападите врз Украина
14 јули 2025Во последно време се случија серија комбинирани руски напади. Она што се случуваше во Киев ноќта на 4. јули во украинските медиуми го опишаа како „пеколна ноќ". Руската армија користеше 500 беспилотни летала, како и ракети од типот „Кинжал“ и „Искандер“.
Дури и американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно се сметаше за посредник во војната меѓу Русија и Украина, се покажа разочаран од Русија и ја заостри реториката спрема Кремљ.„Путин ни приредува едно чудо глупости“ рече Трамп, додавајќи дека рускиот претседател е „секогаш многу љубезен“, но на крајот излегува дека тоа нема никакво значење. По таквите изјави според новинската агенција Ројтерс, САД повторно отпочнаа со испораки на одредени типови оружје за Украина, меѓу кои и артилериски гранати.
Производство на илјадници дронови месечно
Русија денес е во состојба да извршува такви масовни напади бидејќи го прошири производството на дронови и веќе не зависи од Иран, како во 2022 година.
„Русија користи дронови од 2022 година, но обемот е променет", вели за ДВ експертот за воена технологија Давид Хамблинг. „Тие сега произведуваат илјадници дронови месечно, можеби дури и десетици илјади. Тоа е доволен број за да ги преоптовари повеќето одбранбени системи дизајнирани да пресретнуваат ракети“, објаснува тој.
Полковникот Маркус Рајснер од австриската војска во интервју за ДВ вели дека Русија не може да изврши такви напади врз Украина без помош од други земји. Кина ја снабдува Русија со делови што Кремљ ги користи за производство на дронови, а Северна Кореја ја снабдува Москва со балистички ракети. „Се гледа дека Русија се потпира на поддржувачи“, вели тој.
Тероризирање на украинското население
По неодамнешниот напад врз Киев, украинскиот претседател Володимир Зеленски интензивирањето на гранатирањето на главниот град од страна на Русија го објаснува со тоа дека Путин сака „луѓето да страдаат и да бегаат од Украина и домовите, училиштата - и животот сам по себе – да биде уништен насекаде, не само на фронтот“, вели Зеленски, според украинскиот новински портал НВ. „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на извори блиски до Кремљ наведува дека Русија сака да го користи овој метод во следните месеци за да ја пробие одбраната на Украина. Полковник Рајснер вели дека Владимир Путин се обидува да постигне две стратешки цели со своите неодамнешните комбинирани напади - прво, да го уништи воено-индустрискиот комплекс на Украина и второ, да влијае врз украинската јавност со нападите врз цивилното население. „Со таргетирани напади врз населението, кое дополнително треба да биде заслабнато со теророт, индиректно се создава обид за вршење притисок врз украинската влада“, вели Рајснер.
Дали започнува руска летна офанзива?
Многу воени експерти очекуваат Русија да започне нова офанзива летово. Германскиот политиколог Андреас Хајнеман-Гридер во засилените комбинирани напади на кои неодамна беше подложена Украина, гледа дел од таквата кампања. Целта на Русија е да ја онеспособи воздушната одбрана на Украина до тој степен што загубите нема да може да се компензираат со помошта од западните земји. Хајнеман-Гридер смета дека тоа може да е индиција оти Русија се подготвува за „решавачка битка“. Тој не ја исклучува можноста Русија до крајот на оваа или почетокот на следната година да успее да ја притисне Украина и да ја принуди да се покори на барањата на Кремљ.
Што може да направи Западот?
Во интервју за ДВ експертите се убедени дека Западот мора да дејствува порешително за да ја прекине иницијативата на Русија на бојното поле.
На Конференцијата за обнова на Украина, што деновиве се одржа во Рим, Зеленски изјави дека Украина нашла решение за одбрана од руските напади, имено со беспилотни летала-пресретнувачи. Тој нагласува дека на одбранбениот сектор на неговата земја итно му се потребни значителни инвестиции. Полковникот Рајснер потврдува дека Украина постигнува добри резултати во производството на сопствени беспилотни летала, но сè уште не може без поддршка од Западот. „Потребна е поддршка од Западот, особено за специјални системи за оружје, како што се противвоздушните ракети 'Патриот', вели тој. Канцеларот Фридрих Мерц претходно изјави дека Германија е подготвена да купи системи „Патриот“ од САД за Украина. За да се обезбеди навистина ефикасна помош, Западот мора да ги надмине стравувањата дека оружје испорачано во Украина може да падне во руски раце, смета Андреас Хајнеман-Гридер. Некои западни компании за оружје стравуваат дека во тој случај ќе ја загубат својата технолошка предност и се загрижени дека воспоставување заеднички инвестиции со Украина би можело да ги намали цените на нивните производи. „Според мене, ваквите размислувања мора да се надминат“, вели експертот.